Христина Нунеска е 23-годишна девојка од Прилеп, која го понесе признанието за најдобар студент на Економскиот факултет при Универзитетот “Св. Климент Охридски” за академската 2019/2020 година. Минатата година Христина дипломираше со просек 10,00, и покажа дека Македонија се’ уште има млади луѓе кои пред се веруваат во образовниот процес, и се вложуваат себе си да постигнат висок резултат, а со тоа и широко да си ги отворат вратите кон подобра иднина и подобар економски бенефит.
Христина во моментов е на втор циклус студии, насока Сметководство и ревизија, како и демонстратор на Економскиот факултет од областа на Сметководство, финансии и ревизија. Покрај тоа, Христина работи и како AR-Specialist во компанијата Taskforce и успешно се справува со сите овие ангажмани и предизвици.
– Наградата за најдобар студент за мене претставува континуитет на претходно двете добиени титули за најдобар ученик во средно и основно образование. Големо признание за мојот досегашен труд, упорност, многу непроспиени ноќи и голем мотив за идни амбиции и нови достигнувања – вели Христина во интервју за “Факултети.мк”.
Наградата за најдобар студент Христина ја прими на патрониот празник на битолскиот Универзитет, кој се одржа на 07.12.2023год. во Офицерскиот Дом во Битола, каде имаше и свое обраќање пред членовите на Универзитетскиот сенат и Ректорската управа, како и пред наградени студенти од останатите факултети.
Од име на најуспешните Нунеска ја искажа благодарноста до УКЛО: за развиената мрежа со бизнис заедницата, можноста дипломираните да застанат зад катедрите на факултетите, да се цени нивниот труд, да се почитува успехот и да се слуша гласот на младите.