Вечерва во градската библиотека во Прилеп беа промовирани трите книги на д-р Љупчо Попоски со наслов : „Тутунски комбинат Прилеп, подем и пад“, „Тутунски атлас“ и „Трудови“. Овие три книги биле на еден начин продолжување на претходните три книги објавени од страна на Попоски, а кои биле со иста тематика за производството и обработката на тутунот.
„Денешната промоција на трите книги е дел од проектот за тутунската индустрија кој содржи 6 книги. Претходните три книги се : Ориенталските тутуни и нивното место на пазарот“, „Антипушачка пропаганда-за или против тутунот“ и „Економската цена како важен фактор во развојот на производството“. Четвртата книга е „Тутунски комбинат Прилеп, подем и пад“, таа го опфаќа периодот од 1960 до 2010 година. Тоа е еден голем период од предтранзициониот период и еден голем период од транзициониот период. Тука се опфаќаат сите проблеми кои настануваат со промена на општествените системи, промената на пазарите итн. Другата книга „Тутунски атлас“ е една доста информативна книга која дава читателот да дојде до сознанание дека тутунот како култура е карактеристичен не само за сиромашните земји туку и за богатите. Тука се забележани 70 земји кои произведуваат тутун и кој таму го држи тоа производство. Тука можат да се прочитаат сите мултинационални компании кои владеат со тутунот, тоа се 2 компании за обработка и продажба на тутунот и 4 компании за производство на цигари а тоа се : „Филип Морис“, „БАТ“, „Империјал тобако“ и „Јапан тобако“, истакна д-р Љупчо Попоски, автор на книгите.
Според Попоски единствена стопанска гранка која била имуна на секакви економски кризи, па дури и војни била тутунската индустрија која била константна. Силвана Пашоска, претседател на Друштвото за наука и уметност од Прилеп, која беше модератор на промоцијата, истакна дека годинава се одбележувале 45 години од постоењето на Друштвото и одлучиле оваа недела да биде во знакот на тој јубилеј. Оваа промоција била еден од тие настани за одбележување на 45 годишниот јубилеј.
„Тутунското производство е доста значајно за егзистенцијата на голем број на семејства како во Прилеп така и во регионот. Во овие книги се обработува една навистина важна проблематика за која се даваат насоки како ова производство и понатаму да се развива“, кажа Силвана Пашоска, претседател на Друштвото за наука и уметност од Прилеп.
На оваа промоција присуствуваше и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој истакна дека тутунопроизводството е една од главните економски гранки на Прилеп.
„Д-р Љупчо Попоски беше добитник на наградата „3-ти Ноември“. Тој е човекот кој целиот свој живот го има посветено во научни истражувања во различни области, особено во тутунопроизводството и претставува жива енциклопедија во однос на она што значи тутунски производ. Главната поента од овие книги е тоа дека тутунопроизводството било, е и ќе биде главен стожер на економијата во Прилеп. Му посакувам на господинот Попоски многу успех и во иднина и да има уште повеќе трудови кои ние како локална самоуправа ќе ги поддржиме“, рече Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Од ДНУ најавија дека во текот на наредните денови ќе бил промовиран и зборник на научни трудови кои ги напишале членови на Друштвото.