Под мотото „Создавање на ликовите од страна на читателот“ во среда 22.1.2025 од 18.00 часот во фоајето од ЦК „Марко Цепенков “ ќе се одржи промоција на книгата „Дијалози“ од Коста Бојчески.
Замислете една од оние „најобични секојдневни“ ситуации кои постојано ни се случуваат на сите нам. Земете ја првата која ќе ви текне. Токму таа или некоја слична таква најбанална секојдневна ситуација (ако не и повеќе) секој од нас многу лесно ќе препознае во книгата „Дијалози“ од Коста Бојчески, која ќе биде предмет на оваа промотивна литературна вечер. Поради таа непосредност овие дијалози читателот ќе ги почувствува како исклучително блиски и „свои“, па на моменти дури и интимно идентификувачки.
-„Дијалози“ од Бојчески е плод на еден непретенциозен, а сепак доволно предизвикувачки и во добра мера успешен опит со формата и структурата на дијалошката форма во литературен контекст. Авторот со ова свое дело нема претензии да наметне и востанови нови стандарди во поглед на идејно-тематската обработка и структурно-формалната конципираност. Но, сепак, исходот е книга која е оригинална и во двете споменати насоки. Дијалошката форма во која „гласовите кои говорат“ се лишени од персонализација, како и првичното отсуство на временско-просторна контекстуализација на дејството, е заедничка одлика на сите дијалози кои се поместени во оваа книга. Уникатноста на оваа книга е во „дефинирањето на ликовите“ и лоцирањето на дејството во еден хронотописки контекст преку самиот процес на читање на истите. Ликовите ни се „откриваат“, или поточно, самите ги откриваме и „создаваме“, со самото читање на дијалозите, па на тој начин почнуваме и органски да ги доживуваме како литературни субјекти. Токму поради наведените аргументи, „Дијалози“ е книга со искрен, автентичен пристап во творечкиот израз од страна на Бојчески, која заслужува пошироко внимание – Александар Еленин.
Промотор: Виктор Јованоски
Модератор: Александар Еленин
Со своја автентична сценски изведба на некои од дијалозите настанот ќе го облагородат прилепските актери Даниела Иваноска и Димитар Ѓорѓиевски со режисерот Борис Василески, а на сето тоа музичка магија и атмосфера ќе му даде групата The Hounds.