Промовирана книгата “Добрите девојки се враќаат дома пред полноќ” од младата писателка Лина Димоска од Прилеп

На 07.05. во промотивниот центар на Саемот на книгата, во спортскиот центар „Борис Трајковски“, книгоиздателството „Бата прес“ беше промовирана книгата „Добрите девојки се враќаат дома пред полноќ“ од младата писателка Лина Димоска од Прилеп.

Оваа книга е новела за обидот на младата хероина да се соочи со минатото и траумите од детството, да ја открие слободата и да ги улови можностите за да има еден поинаков и поубав живот.

Анисија е млада девојка од мал град, полн со предрасуди. По смртта на нејзиниот татко, одлучува да започне со психотерапија, но на една од сеансите со психологот се отвара ново поглавје од минатото на Анисија – врсничкото насилство што го преживувала додека била тинејџерка.

Има само еден вистински пријател, Емил, кој е заедно со неа во сите предизвици со кои таа треба да се соочи. Анисија е реален лик. Делото е само мал исечок за тоа низ што сѐ поминуваат и со какви предизвици се соочуваат жртвите на врсничко насилство.

Лина Димоска е родена во 1995 година во Прилеп. Основно и средно училиште завршува во Прилеп. Дипломирала на Економскиот факулетет во Прилеп.

Ова е прв роман на Лина Димоска, има освојувано награди за ораторство и литературно творештво, а нејзини творби се објавени во „Зборникот на прилепски автори“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.