Општина Прилеп нуди на продажба пет нови парцели во новата индустриска зона „Прилеп 2“ кај Сточното пазариште.
Градоначалникот Марјан Ристески, уште еднаш ги повика домашните и странски инвеститори да се пријават и да купат една од парцелите во втората индустриска зона. „Електронското наддавање за парцелите во индустриската зона „Прилеп 2“ кај сточното пазариште ќе биде на 6-ти ноември и може сите заинтересирани да се пријават, да отворат можности за нови капацитети од незагадувачките индустрии со што ќе се овојзможи нов развој на прилепското стопанство, изјави Градоначалникот Ристески.
Како што објасни Александар Јованоски, од одделението за Локален економски развој, понудените парцели се со намена за сервиси и за мало стопанство. „Пријавите за јавното наддавање може да се поднесуваат до 2-ри ноември. Почетна цена за градежна парцела е 61 денар од метар квадратен. Може да учествуваат сите физички и правни лица, жители на Македонија, но и странски лица, согласно Закон за градежно земјиште кои со комплетна и правилно пополнета електронска пријава со прилози треба да уплатат депозит од 30 отсто од вкупната почетна цена, посочи Александар Јованоски. Општина Прилеп ќе ја уреди населбата со изградба на патната инфаструктура и асфалтирање на улиците, изградба на водовод, канализаиција, осветлување и изградба на тротоари.