Со полагање свежо цвеќе пред спомен обележјата на Методија Андонов Ченто и Кузман Јосифоски-Питу, како и на Могилата на Непобедените и меморијалниот комплекс Песјобрдце, во Прилеп ќе започне одбележувањето на 3 Ноември – Денот на ослободувањето на градот.
Во рамките на програмата, Ротари клуб Прилеп ќе го одржи традиционалниот уметнички хепенинг, а вечерните часови ќе бидат исполнети со богата културна програма – свечено откривање на ѕвезда во чест на уметникот Коста Смилески и изложба на делата создадени на ликовната колонија „Марко Цепенков – Дрен 2025“.
Одбележувањето ќе заврши со свечената седница во НУЦК „Марко Цепенков“, на која ќе бидат доделени признанијата „3 Ноември“. Оваа година, наградите ќе им бидат врачени на истакнати личности и институции што оставиле длабока трага во културата, науката, хуманоста, спортот и општествениот живот на градот и државата.

























