Причест без разбирање – Јадење на својата ОСУДА: Задолжително четиво за оние кои сакаат да се причестат

Пишува: Протоереј Љупче Петрески

– Оче, постев и сакам да се причестам. Дали е потребно претходно да се исповедам? Како оди тоа и кога има причесна?
– Чедо Божјо, убаво што си постел. Но, пред сè, ќе те прашам нешто важно – дали знаеш што е Причеста? Бидејќи сакаш да примиш нешто во себе, логично е да знаеш што е тоа, нели?

– Хм… Причеста е… за здравје; за убаво; благодат; да се исповедаме; лепче и винце …
Ова се најчестите одговори кои ги добивам од мнозина верници кои сакаат да се причестат и тие илустрираат една загрижувачка и длабоко апсурдна ситуација – луѓето сакаат да примат нешто во себе, а не знаат што е тоа!

Мнозина пристапуваат кон Светата Чаша формално, не сфаќајќи што всушност прават. Го прават тоа затоа што „така треба“, „така правеле баба ми и дедо ми“, или затоа што некој им кажал дека е убаво да се причестат. Од моето свештеничко искуство, ваквата појава, за жал, сè повеќе се шири меѓу верниците и затоа, без да навлегувам во причините за ова непознавање, ќе нагласам: тоа мора да се промени, зашто последиците може да бидат болни – духовно, а некогаш и телесно.

Овој текст го упатувам до сите оние кои сакаат да се причестуваат, но не се доволно едуцирани и воведени во верата. Не ми е намерата да ги исплашам или да ги одвратам пред големината на Светата Тајна, туку напротив – да ги охрабрам да се причестуваат, но со правилна подготовка и разбирање, за да се удостојат за Светата Причест.

Зошто е многу важно да знаеме што е Причеста?

Затоа што Причеста може да ни биде и за ОСУДА И ДА БИДЕМЕ ВИНОВНИ ПРЕД БОГА ако ја примаме „недостојно“ според зборовите на св. ап. Павле во 1. Послание до Коринтјаните, каде вели: „Затоа, оној што недостојно јаде од овој леб и пие од Господовата чаша, ќе биде виновен спрема телото и крвта на Господ. Но, секој човек нека се испита себеси, и потоа нека јаде од овој леб и нека пие од оваа чаша. Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување бидејќи не го разликува Господовото тело“ (1. Кор. 11, 27–29).
За нас особено важен е последниот 29-ти стих, односно последните зборови „НЕ ГО РАЗЛИКУВА ГОСПОДОВОТО ТЕЛО“, кои сосема јасно опоменуваат дека причестувањето не секогаш носи „здравје“, „спасение“ или „добро“, туку – ако се случува недостојно, може да стане суд и осуда за оној кој пристапува несвесно или несоодветно подготвен.

Затоа, мора да се запрашаме: Што е Причеста или поточно што е Светата Тајна Евхаристија?
Св. Евхаристија – Причеста, не е само обред или симбол, туку е најдлабокото сретнување на човекот со Бога. Преку неа, човечката личност се преобразува, се соединува со воскреснатото и бесмртно Тело на Христос. Тоа Тело ни се дава како храна и лек против гревот и смртта – како дар на животот според зборовите на Господ Исус Христос: „Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има вечен живот; и Јас ќе го воскреснам во последниот ден“(Јн 6, 54).

Евхаристијата е место каде што небесното се сретнува со земното, каде што вечноста навлегува во времето, каде што Царството Божјо се оприсутнива, овде и сега. Таа не’ воведува во тајната на Христовата смрт и воскресение, а со самото тоа и во тајната на нашето спасение.
Свети апостол Павле вели:„Кога ќе го јадете овој леб и кога ќе ја пиете оваа чаша, вие ја објавувате смртта на Господа, додека Он не дојде“ (1 Кор. 11, 26).

Со секое учество во Литургијата и со секое причестување, ние не само што се потсетуваме на Христовата жртва, туку влегуваме во неа, ја живееме, ја објавуваме, и го очекуваме Неговото Второ доаѓање. Впрочем, преку примањето на Светата Причест – која е „ВИСТИНСКИ ТЕЛО И КРВ ХРИСТОВИ ВО ВИД НА ЛЕБ И ВИНО“ (ова е догматската дефиниција за причеста) – ние во себе Го примаме самиот Христос, Воскреснатиот Спасител. Со тоа, не се причестуваме само со нешто свето или симболично, туку се соединувавме со личноста на Христа.

Во тој свештен и мистичен момент, се исполнува најдлабоката цел на нашиот живот – единството со Бога. Ова соединување со Христа преку Неговото Тело и Крв е почеток на нашето обожување: стануваме „мали богови“ по благодат, како што учат Светите Отци. Тоа значи дека преку Божјата милост и сила, го обновуваме нашето паднато човештво и го задобиваме животот вечен, за кој и сме создадени. Од ова можеме да разбереме колку е длабока и свештена оваа Тајна. Во неа се исполнува целокупниот духовен живот на Црквата. Сè што Црквата живее – молитва, покајание, љубов, пост, вера – се собира и се остварува токму во Светата Евхаристија. Впрочем од неа извираат но, во неа и се вовираат сите Свети Тајни. Затоа Црквата секогаш учела и сведочела дека животот со Христа и во Христа не може да се замисли без редовно и свесно учество во оваа Света Тајна и затоа таа секогаш ги повикува верните да не се оддалечуваат оваа Света Тајна, туку со вера, страв Божји и љубов, да пристапуваат кон Чашата на животот.

Повикани сме да се причестуваме почесто – но тоа не треба да биде формално, ниту механички. Ако пристапуваме без духовна подготвеност и свест, ја профанизираме Светата Тајна. Затоа, пред сè, мораме да знаеме што значи Светата Причест и каква е нејзината суштина. На тоа нè поучуваат и светите отци на Црквата.

Во продолжение, како потврда на досега кажаното, ќе посочам само неколку, од мноштвото, примери – толкувања од свети отци и егзегети, кои ги објаснуваат зборовите на ап. Павле (1Кор. 11, 27-29) собено за нас значајниот 29-ти стих:„Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува Господовото тело.“

1. Св. Јован Златоуст, во своите „Беседи на Првото Послание до Коринтјаните“, силно нагласува дека недостојното примање на Светата Причест е духовно опасно. Тој вели: Зошто си „јаде осуда за себе“? „Без расудување за телото Господово“, односно без размислување, без да се замисли, како што треба, големината на предложеното (тајната), без размислување за важноста на дарот. Ако целосно сте разбрале Кој е пред вас и кому Тој се нуди, нема да ви треба опомена, а само тоа би било доволно да ве зафати со целосна стравопочит, освен ако не сте паднале премногу длабоко.“

2. Св. Амвросиј Милански, во своето дело „De Sacramentis“ („За Тајните“), ги коментира зборовите на апостол Павле во стихот 29, каде се вели „не распознавајќи го Телото Господово“. Тој пишува дека овие зборови го потврдуваат реалното присуство на Христа во Евхаристијата: „Не е само символ или спомен, туку вистинско тело и крв Христови. Тие што пристапуваат недостојно не успеваат да го распознаат ова и поради тоа си нанесуваат осуда.“ Ова толкување ја истакнува важноста на свеста за светиот дар што ни е даден во Евхаристијата.

3. Блажени Теофилакт Охридски – „Не разликувајќи го Телото Господово“ односно, без испитување и размислување за големината на она што е пред него. Кога би биле свесни за тоа што се наоѓа пред нас во одредено време, немаше ни да ни треба друго будење: и само тоа би не разбудило да гледаме.

4. Свети Димитриј Ростовски вели:„Не распознава“ оној кој пристапува како да е прост леб и вино, а не како да е Бог. Таквиот „јаде и пие суд за себе, не препознавајќи го Телото Господово“ (1. Кор. 11:29). Не го распознава Телото господово оној кој пристапува без страв, без нежност, без смирение, без вера и без надеж за спасение и без љубов.“ (Извор: Креации. 19. За причестувањето на Светите Тајни).

5. Проф. д-р Александар Павловиќ Лопухин вели: „Со оглед на таквата тешка одговорност, христијанинот мора сам да открие како мисли за Христа и дали во неговото срце има доволно благодарност и почит кон заедничкиот Спасител на сите луѓе. Само со такви чувства може да се оди на љубовна вечера – инаку лесно е да се падне во грев.

„Без расудување за Телото Господово“, односно без да се разликува, не увидувајќи дека зад обичниот леб, зад обичната материјална храна се крие вистинското Христово тело: она што причесникот го јаде во св. Евхаристијата само изгледа како леб, но во реалноста го јаде телото Христово.“

6. Свештеник Даниил Сисоев вели: „Што значи „Не разликувајќи го Телото Господово“? Тоа значи да не размислувате за она со кое се причестувате. Инаку, затоа на секоја неделна литургија велам дека оние кои не веруваат во Света Троица, Богочовекот Христос, откупувањето и воскресението на телото не можат да пристапат кон Причеста. Оние кои не го очекуваат Второто доаѓање и не веруваат дека чашата ги содржи Телото и Крвта Господови не можат да се причестат. Верниците не можат да бидат примени на Причест ако не веруваат во реалноста на Телото и Крвта Господови, туку веруваат дека тие се леб и вино соединети со Божеството Христово. Таквите луѓе се виновни против Телото и Крвта и не можат да се причестат.“ (Извор: Жените во црквата: подреденост или еднаквост? Разговори за првото и второто послание на апостол Павле до Коринтјаните. Во 12 тома – том 5. Кога сум подготвен за Света Причест?).

ЗАКЛУЧОК

Сите наведени толкувања, и од светите отци и од поновите православни егзегети, се усогласени во едно суштинско предупредување: Светата Причест не е обичен ритуал, туку директно и живо заедничарење со Воскреснатиот Христос. Затоа, недостојното пристапување кон оваа Света Тајна, без вера, без покајание, без свесност за нејзината големина и реалност, е сериозен духовен престап, што може да доведе до осудување, а не до спасение.

Светите отци и егзегети ја нагласуваат неопходноста од стравопочит и свесност за реалното присуство на Христос во Телото и Крвта, а не на некаков симбол или знак. Исто така, истакнуваат дека верата во вистинитоста на оваа Тајна и вистинското знаење се предуслови за достојно пристапување.

Заклучокот е јасен: кон Светата Причест треба да пристапуваме со длабоко покајание, вера, љубов и свесност дека пред нас е сам Господ Исус Христос, не само по благодат, туку и во Неговото вистинско Тело и Крв во вид на леб и вино. Секој друг пристап – формален, незаинтересиран, или без вера – е опасен, не само духовно, туку и по внатрешниот човек, кој се храни или осветува, или се осудува.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.