Основното јавно обвинителство – Прилеп започна постапка против 30-годишен прилепчанец кој се сомничи за сторено кривично дело Производство и дистрибуција на детска порнографија.
Според кривичната пријава доставена од МВР – Полициска станица Прилеп, за лицето постои основано сомнение дека од втората половина на 2012 година до 10.08.2016 година преку компјутерски систем набавувал за себе и поседувал детска порнографија.
Тој на социјалната мрежа Фејсбук регистрирал лажен профил со лажно име, на кој на насловната страна поставил фотографија од девојче од Република Хрватска како наводен корисник и преку тој профил остварувал електронски контакти со деца. Притоа ги намамувал да се фотографираат по долна облека и голи, да ги фотографираат интимните делови од телото и направените фотографии да му ги доставуваат преку електронска комуникација.
Фотографиите подоцна ги симнувал и ги складирал во неговите компјутери, каде што складирал и видео клипови со детска порнографија. Осомничениот во одредени ситуации со децата со кои остварувал контакти преку електронската комуникација барал да остварат и непосредни контакти со намера со истите за одредена парична награда да оствари полови дејствија.