Од Министертвото за животна средина и просторно планирање до Општина Прилеп, започна испораката на 8318 канти во жолта и зелена боја за селекција на отпад и мешан комунален отпад. Оваа комунална опрема и се доделува на општинава од Регионалната програма за цврст отпад, финансирана преку заем од Европската банка за реконструкција и развој и Швајцарската агенција за развој.
Овој проект за регионално уоравување со отпад значи помош на општините за да се имплементира 100% селекцијата на отпадот на местото на неговото создавање (домаќинства), со цел граѓаните во целост да ја прифатат селекцијата на отпадот, да стекнат корисни навики, а во идната регионална депонија да се транспортира и депонира што е можно помалку отпад.
По предавањето на комуналната опрема од страна на општината на јавното претпријатие, граѓаните ќе можат да склучат Договор за селекција на отпад со јавното претпријатие и да имаат во домаќинството две канти, во жолта боја за селектиран отпад, и во зелена боја за мешан комунален отпад.
Испораката на 126-те контејнери за Општина Прилеп е завршена, и по план за распределба ќе се врши замена на постојните стари и оштетени контејнери.
Од суштинско значење за Комуналец е добивањето на 9-те нови специјални возила за транспорт на отпад, кои според динамиката на испорака за Пелагонискиот и Југозападниот регион, Локалната самоуправа- Прилеп, би требало да ги добие до месец јуни.




























