Примија 45 голови! Одбраната без Велески е како биено сирење

Ракометарите на РК Прилеп го забележаа и вториот пораз на гостувањето кај Алкалоид. Избраниците на Божидар Мојсов беа буквално прегазени од екипата предводена од Кире Лазаров. Крајниот резултат на семафорот 45:23 или лесен тренинг за тимот од Автокоманда.

Алкалоид големата победа ја најави уште во првиот дел, кој избраниците на Лазаров го добија со 23:13, па наредните 30 минути беа само рутина.

Најефикасен во победничката екипа беше Никола Костоски со седум погодоци, по пет постигнаа Мартин Серафимов, Игор Ѓорѓиев и Франциско Оливеира.

Кај Прилеп прво име беше кружниот напаѓач Томислав Квастек со четири реализации во мрежата на домашниот тим.

Она што можеше да се забележи и во овој дуел кај прилепчани, како и во претходниот против Охрид, е дека во одбраната недостасува столб како Филип Велески. Не дека некој од вљубениците во ракометот очекува чуда против екипи како Алкалоид, Еурофарм Пелистер и Вардар, но порази од 20 и повеќе голови разлика се срамни и недозволиви.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.