Режисерот Јани Бојаџи на својот Фејсбук профил напиша за една малку позната сторија која се однесува на аферата со грабнувањето на америкнаската мисионерка Елен Мис Стоун од страна на четата на Јане Сандански.
Се работи за транспортот на парите кои организацијата ги добила како откуп за мисионерката, пример од историјата кој треба да се изучува уште од најмали години.
“По повод денот, еве една кратка историја по идеализам, посветеност и чесност! Војводата на ТМРО Крсто Асенов, инаку бугарин по род, после завршувањето на аферата Мис Стон, му се паднала тешката задача парите земени од откупот сам да треба на мазга да ги пренесе од Македонија во Бугарија, поточно во Софија.
Да не забораваме, тогаш тоа била најобезбедуваната граница на Отоманската империја. И така, војводата Крсто Асенов, само тој знаел како, жив и здрав, со се парите во денешна вредност од околу 1 милион долари, по една недела стасал во Софија и ги разделил според списокот што му бил даден од организацијата.
Откако завршил се, вечерта отишол кај сестра му да преспие. Сабајлето, станал рано, земал од зетот 10 лева на заем, си купил билет за воз и си отишол дома!
И покрај тоа што кај себе си со денови имал купишта турски и американски златници, не посегнал по ниту еден! Ете, тоа е!
Што знаеме ние денес за него? Ништо.
Каде му е споменикот? Никаде. А тој човек и неговото дело треба да се изучуваат во детските градинки како пример за морал и етика! Значи, да резимираме: има Крсто и Крсто! За многу години празникот!” – напиша Бојаџи.