Прилеп ќе добие центар за дијабетичари – прв ваков центар надвор од главниот град (ВИДЕО)

Во Македонија има околу 150.000 луѓе кои страдаат од дијабет, а меѓу нив и голем број деца. Ова автоимуно и доживотно заболување веќе добива размери на епидемија, ама ние против него се’ уште се бориме со застарена технологија, несоодветно организирано и стихијно, реагираат од прилепското Здружението на дијабетичари „Сина револуција“. Иако во последниве години имало извесен напредок, сепак, предизвиците да се живее со дијабет и понатаму се големи, болни и неизвесни – објави “АЛФА ТВ”.

„Пред се’ се соочуваме со дискриминација…Сензори се добиваат само до одредена возраст. Сите лица што се повозрасни, не добиваат сензори. Добиваме инсулин кој е на задоволително ниво, ама има недостиг од одредени инсулини…Користиме застарена технологија на која не можеме да и’ веруваме, тука спаѓаат глукометрите и лентичките за мерење на шеќер“, – изјави Менде Цветкоски, Здружение на лица со дијабет „Сива револуција“ – Прилеп.

Ангела е медицинско лице, но и мајка на дете со дијабет. Нејзиниот син дијабетисот го добил на 9 години. Не знае од што, но вели, дека многу добро ги знае непроспиените ноќи и секојдневниот трепет за неговиот живот.

„Кај дечињата со Тип 1 треба редовно мерење на гликемија, минимум 8 пати. Добро е што сега државата почна да ни дава сензори. Претходно си ги купуваваме. Мачно е, напрно е, бара голем режим на исхрана…Со сензорите ни се овозможува мирно да спиеме ние родителите, бидејќи самиот сензор не’ известува кога имаме пад на гликемијата, а кога имаме хипер гликемија и многу ни е полесно да аплицираме соодветна терапија или да дадеме нешто благо“, – кажа Ангела Мирческа, аптекар во Инсулинска аптека и мајка на дете со дијабет.

Со цел идно поорганизирано превентивно, дијагностичко и терапевско делување, во прилепската Болница наскоро треба да профункционира и првиот Центар за дијабетичари, за што денеска беше потпишан и Меморандум со Здржението „Сина револуција“.

„По барање и на пациентите, и на докторите, сакаме да ангажираме доктори-ендокринолози од Клиника за ендокринологија, специјализирани за дејабет, а и ендокринолози од Клиника за педијатрија за пациентите да не патуваат Скопје, туку контролите да ги прават во Прилеп, – изјави д-р Кире Јоноски, директор на ЈЗУ Општа болница – Прилеп.

Во Прилеп има околу 10.000 регистрирани дијабетичари, од кои 3.000 се на инсулинска терапија, а од нив дури 100 се деца. Инаку, 14-ти ноември е Светски ден на дијабетот.

KAРОЛИНА ДУРЛО ЗА “АЛФА ТВ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.