Прилеп ќе добие владини пари за 11 проекти: Две детски игралишта, мост, водоводни мрежи, осветлување…

Локалната самоуправа на Општина Прилеп подготвена за реализација на нови капитални проекти – напиша на социјалните мрежи градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески, најавувајќи 11 проекти кои ќе бидат финансирани од Владата.

-Општина Прилеп продолжува со интензивна работа за унапредување на инфраструктурата и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните! Во рамките на Јавниот повик објавен од Министерството за Локална самоуправа, поднесовме 11 значајни проекти, кои ќе бидат финансирани со поддршка на Владата на Република Македонија. Ова се проекти од витално значење за сите граѓани, а нивната реализација ќе значи поквалитетен живот, подобра инфраструктура и современи урбани решенија – напиша Јовчески.

Проектите кои во Прилеп ќе се реализираат со владини пари се следните:

✅ Реконструкција на дел од плоштад Методија Андонов-Ченто (пред хотел Скопје) и поставување на урбана опрема
✅ Изградба на мост на ул. Победа над река Оревоечка
✅ Реконструкција на ул. Орде Чопела – влез на градот од Македонски Брод
✅ Комплетна реконструкција, вклучително со електротехника, на улицата Трајко Николоски
✅ Изградба на ново детско игралиште во центарот на градот (позади Участакот)
✅ Изградба на ново детско игралиште на улицата Борка Талески во населбата Типски
✅ Изградба на водоснабдителен систем во село Лениште
✅ Реконструкција на главен потисен цевковод за водоснабдување на Индустриската зона и комплексот на Манастирот Св. Димитрија во село Селце
✅ Изградба на фотонапонска централа која се поставува на објекти (на Пречистителната станица)
✅ Интеграција на дистрибуирани локации од водоснабдителен систем на град Прилеп во постоечки SCADA систем и интеграција со ГИС систем
✅ Проект за промена на водоводна мрежа од јазол на Бул. “Гоце Делчев” со улица “Кузман Јосифоски” (бр. 1-55) до јазол на улица “Кузман Јосифоски” со ул. “Ленин” (бр. 1-72) – фаза Хидротехника

-Дополнително, во завршна фаза е и подготовката за уште еден капитален проект – Обиколница – Исток (од Сивец до А1), кој е во постапка за добивање на одобрение за градба. Изминатиот период, тимот на Општина Прилеп работеше со максимална посветеност на подготовка и апликација на овие проекти, со цел да реализираме што повеќе значајни инфраструктурни зафати и да ги решиме приоритетните прашања од интерес за граѓаните. Изразувам огромна благодарност до претседателот на Владата на Република Македонија, г. Христијан Мицкоски, за оваа значајна поддршка кон сите општини, со цел да овозможиме историски развој на локалните заедници. Нашите граѓани заслужуваат развиена и модерна Општина Прилеп! Продолжуваме посветено и одговорно – стои во објавата на Јовчески.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.