Поради немање термин во сала во Струга, наместо на домашен терен, стружани беа домаќини на Прилеп во салата “Ристе Ристески-Ричко” и го претпрпеа третиот пораз во плеј-аут разигрувањето во ракометната Супер лига.
Крајниот резултат на натпреварот беше 25:30 во корист на прилепчани, кои пак по шокантниот пораз изминатиот викенд од Радовиш, се исправија и се вратија на победничките патеки.
Стружани водеа на натпреварот само во почетните минути, со 2:1 и 3:2, и тоа беше речиси се’ што прикажаа. Од тука па до последната минута Прилеп ја контролираше играта, а избраниците на Страшо Илиески имаа предност на моменти и од 7-8 гола разлика.
Христи Бикоски, Томислав Квастек и Денис Шабановиќ постигнаа по 5 погодоци, а Никола Цветаноски беше прецизен 6 пати.
Прилеп сега има 9 бода на второто место од плеј-аут табелата, 4 повеќе од третопласираниот Куманово, а во наредното коло гостуваат кај РК ФРУИТ ЛЕНД БОРЕЦ.