Ракометарите на Прилеп во натпревар од 13. коло од Супер лигата на домашен терен синоќа го совладаа Куманово со 32:31. Ова беше петти сезонски триумф за избраниците на Божидар Мојсов, па сега екипата има 12 бода и се наоѓа на шестото место на табелата.
Со овој триумф прилепчани одново фатија приклучок со горниот дел на табелата и одново имаат надеж за плеј-оф разигрување.
Куманово имаше водство со 5:11 во првиот дел, но прилепчани брзо се консолидираа и направија серија од 5:0.
На полувремето се замина со 14:14. Во вториот дел во најголем дел се играше гол за гол, но во клучните моменти од натпреварот Прилеп редовно имаше водство од 1-2 гола разлика.
Домаќините во победата ги предводеше Никола Цветаноски со осум гола, а на спротивната страна прв стрелец беше Дарио Симоноски, кој воедно беше и најефикасен на натпреварот со десет гола.
Во наредното коло Прилеп гостува кај одличниот сезонава Охрид.