Вчеравечер, 8 декември 2024 година, во храмот „Св. Петка“ во Прилеп, во организација на храмот и СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, се одржа првата Духовна академија во чест на патронот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и закрилникот на Македонија, св. Климент Охридски.
Во величествена духовна атмосфера, храмот беше исполнет до последното место со верници и гости, меѓу кои беа заменик-градоначалникот на Општина Прилеп Диме Бозоски, претседателот на Советот на Општина Прилеп Ирена Стерјовска Локвенец, советници при Советот на Општина Прилеп, професори, ученици и бројни посетители.
Учениците од гимназијата, под менторство на професорите Дарко Ристески и Татјана Иваноска, преку хорски изведби, рецитации и драматизации на сцени од животот на св. Климент, успеаја да создадат незаборавно духовно искуство, ретко видено во било кој храм. Нивниот труд, уметничка изведба и посветеност беа поздравени со бурни аплаузи од публиката.
На крајот на академијата, старешината на храмот, протоереј Љупче Петрески, додели благодарници на СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, на професорите ментори и пофалници и скромни подароци на сите учесници. Тој изрази голема благодарност за соработката и ја повика образовната заедница на Прилеп на заеднички труд за зачувување и негување на духовното и културното наследство.
„Нека оваа академија биде почеток на долгогодишна соработка. Очекуваме идеи и предлози за идни заеднички настани кои ќе ги поврзат духовното и образовното“, изјави протоерејот Петрески.
Професорот Дарко Ристески „од името на професорите, учениците и од гимназијата се заблагодари за поканата за овој прекрасен настан и вети дека ќе прерасне во традиција за овој ден или, пак, во спомен на друг светител или македонски преродбеник да се одржува ваква духовна академија“.
Тој, исто така, се заблагодари до присутните што во толкав број дојдоа да ги подржат учениците напоменувајќи дека „образованието потекнува од храмовите и дека ние сме едно“.
Директорката на СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Весна Михајлоска, исто така се заблагодари на поканата од храм св. Петка, до присутните за подршката како и до г-нот Кирил Јандреовски и пекара „Маја“ кој го подржа овој настан и порача:
„Како што учениците вечерва порачаа да се радуваме на овој ден во чест на св. Климент, јас ви порачувам радувајте се што имаме вакви деца и ученици за што ние особено се гордееме што ги имаме“.
Овој настан претставува значаен чекор кон заедничка мисија за духовно и културно збогатување на младите генерации.
ФОТО/ВИДЕО: КL Produkcija