Прилеп се збратими со најголемата измирска општина Буџа

Општина Прилеп се збратими со турската општина Буџа која е најголема во градот Измир. Договорот за збратимување е потпишан во рамки на официјалната посета на делегацијата од Општина Прилеп, предводена од градоначалникот Борче Јовчески, на покана на градоначалникот на Општина Буџа, Ѓоркем Думан.

Градоначалникот Јовчески на својата ФБ страна информираше дека посетата се совпаднала и со одржувањето на 12-тиот по ред „Буџа Балкан Фестивал“.

Ова е значаен чекор кон понатамошно зацврстување на нашите пријателски односи, но и продлабочување на економската соработка, културните разменувања и младинските иницијативи. Преку вакви активности, заедно ќе создадеме платформи за размена на студенти, културни проекти и зајакнување на нашите локални заедници.

Буџа, како најголема општина во Измир со население од околу 500.000 жители, ни понуди прекрасна можност за запознавање со нивните културни знаменитости и историски обележја. Овие моменти ни дозволија да го препознаеме заедничкото историско наследство кое ги поврзува нашите два народи.

Остваривме значајни средби со локалните образовни и јавни институции, вклучително градинки, училишта и младински центри. Се запознавме со нивните модели на работа и функционирање и се надеваме дека ќе можеме да ги примениме позитивните практики во нашата општина Прилеп, со цел да го подобриме секојдневното функционирање на нашите јавни претпријатија и административните услуги.

Особено емоционална беше средбата со Здружението на иселениците од Канатларци, Ерековци и други населени места од општина Прилеп. Овие луѓе, иако живеат и работат во Буџа, не ги заборавиле своите корени и родната Македонија. Пренесовме топли поздрави од нашата заедничка татковина и изразивме поддршка и отвореност за идни соработки.

Сакам да изразам голема благодарност за гостопримливоста на господинот градоначалник Ѓоркем Думан, неговиот тим и сите соработници и гости со кои што имавме можност да се сретнеме и заедно да бидеме дел од сите настани, Генералниот конзул на Македонија во Истанбул, Идриз Фазлиоски, Амбасадорот на Република Молдавија во Турција, Дмитри Кројтор, градоначалникот на општина Седишехир, Хасан Устао, и градоначалникот на општина Берово, Звонко Пекевски.

Нашата цел е јасна – да ги зајакнеме врските меѓу нашите општини и да создадеме услови за поблиска соработка во сите аспекти на општественото живеење. Веруваме дека оваа соработка ќе биде од голема корист за двете општини и граѓаните и се радуваме на заедничките успеси што не очекуваат. – напиша Јовчески на својата ФБ страна.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.