Прилеп располага со супер таленти во пинг понг: Во Подгорица, Ристески брилијантен во дресот на Младост96, а Маркоски во дресот на Македонија (ФОТО)

Изминатиот викенд во Подгорица, Црна Гора, се одржа силен меѓународен турнир во пинг-понг “Подгорица Oпен”, на кој учество зедоа 320 натпреварувачи од 8 држави.

На турнирот учество зеде и прилепскиот пинг понг клуб Младост96, како и репрезентацијата на Македонија до 13 и 15 години.

Членот на Младост96 Мартин Ристески го освои второто место до 13 год, додека трет беше исто така играчот на Младост96, Трајче Маркоски, кој ги бранеше боите на репрезентацијата на Македонија.

Во полуфинале Ристески беше подобар од Маркоски со 3-0, додека во финалето загуби од натпреварувач од Албанија. За потсетување ова талентирано момче минатата година беше вицепрвак на Македонија, а оваа година го освои третото место за деца до 13 години. Покрај за Младост96, Ристески настапува уште и за екипата на ППК Прилеп во Првата сениорска лига.

Трајче Маркоски беше блиску до уште еден медал, овојпат до 15 години, но во борба за влез во полуфинале загуби од противникот, иако имаше водство од 2-1 во сетови.

На турнирот, македонската репрезентација освои уште три други медали. Матеја Смолиќ беше трета, Кристијан Каламадевски трет, а Моника Стајковска освои второ место во своите категории.

Успесите на младите играчи на Младост96 даваат надеж дека Прилеп ќе има одлични пингпонгари, кои во иднина треба да бидат столбот на екипата на Младост96.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.