Прилеп поседува непроценливо богатство и убавина: Манастирот Св. Георгиј над село Присад зрачи со духовност и убавина (Фото галерија)

Со леснотија се минуваат со автомобил 13,5 те километри од Прилеп по стариот пат за Велес. Дел од друмот е каллив, а лете прашлив. Нема асфалт. Во подножјето на Дервен никнува приказната за манастирот Свети Георгиј, оддалечен од селото Присад 2,5 километри.

Околната природа е обложена со благородна историска вистина, а љубопитното око забележува облагороден дел во густата соблечена шума. Се наѕира камбанаријата.

Манастирот се вишнее на 850 метри. Закотвен на неколку километри пониско од остатоците на изгорениот планинарски дом Дервен.

Величенствена глетка. Се восхитува сетилото за вид. Владее мирна атмосфера, одвреме навреме нарушена од гаврани.

Домаќините пречекуваат со вродена скромност и љубезност.

До манастирскиот двор минува водата од Старата река го храни со живот комплексот. Низ чешмата тече петочна, средоречна и неделска вода. Луѓето ја земаат за лек.

– Глуво и немо 12 годишно момче од Штип зеде од водите и прозборе и почна да слуша. Не знаеме дали себап виде одовде – забележуваат нашите соговорници.

Манастирчето e морал на Присаѓани

Манастирот е од поново време. Изграден во 1945 година. Скромен. Но, зрачи со духовност.

– Фрескоживописот и иконите немаат некое посебно значење, оти се понови – пренесуваат домаќините слушнато од свештениците.

Луѓе од управата објаснуваат дека според преданието на местото каде е изграден манастирот порано имало црквичка од штици со една икона. Војниците прво го урнале, мислеле дека е засолниште на партизаните, но кога виделе дека е црковен објект повторно го изградиле.

– Манастирот е морал на присаѓани. Со него зрачи нашата чесност, преданост, поука, висок дух. Помагаат жителите, и градските, и фирмите. Постепено се дотерува со сопствените раце како занаетчиски. Помагаат и дограмаџии, ѕидари, “аргати”…, да се одржи и надгради црквата и конаците кренати од нашите претци. Тоа е аманет – велат манастирските служители.

Новиот конак има 13 чисти соби, трпезарија за 250 души. Балконот преку целиот конак е мерак за седенки. Старите конаци се реновирани. Камбанаријата изгледа величанствено. Плени со височината и “силата”.

– Идат многумина по неколку дена – велат од Управата.

Камен по камен – ѕид

Минале повеќе децении, откако Стеван Илиоски – Матракот првпат помогнал во манастирот. Прво се средил покривот на црквичето да не протекува при дожд. Уметник почнал да фрескоживописува.

– Имало едно собиче од трски и кал и црквата. Околу планина. Се облагородила дивината. Сé се стокмило до денешниот лик. Се кренаа потпорни ѕидови од камен носен на раце од рудникот за мермер Сивец. Донесена е и нова вода одозгора. Направен е резервоар. Со игуменијата Катерина и народот се градело – објаснуваат од Управата. Катерина или баба Коца на 65 години била ситна, но вредна, пргава старица од Прилеп, на која и се сонило да гради манастир. И во лете, и во зиме живеела во манастирот и го градела делче по делче со народот. Еден ден со снег до колена, на баба Коца и снемало брашно и немала што да јади. Некој човек истата вечер сонил дека треба да однесе една вреќа брашно на манастирот. Така сторил човекот. Бог и’ помогнал. Гробот на игуменијата е во дворот на манастирот – кажуваат домаќините.

Манастирот испраќа со богато доживување полно со духовна храна. Денот потона во мрак, а во душата се врежа уште една приказна.

Георги бил војник

Свети Великомаченик Георгиј бил храбар војник во царската војска кој верувал во еден Бог и проповедал христијанство.

Го разлутил царот кој почнал да го измачува. Го врзал на тркало со раширени раце и нозе, а тркалото било движено по штица искована со шајки. Кинеле парчиња од живото тело.

Нозете му ги ставиле во огромни усвитени ковани чизми и на крај телото му го ставиле во неизгасната вар. Гледајќи го ова царицата застанала на страната на маченикот и христијанството со што го разгневила царот, кој наредил двајцата да се убијат.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.