Под покровителство на Меѓународната федерација за естетска групна гимнастика и клубот за естетска гимнастика “АВАНТГАРД” oд Прилеп, од 9-11 мај во Прилеп, се одржа Првиот национален семинар за судии и тренери во овој спорт.
Настанот ќе биде запишан како клучен чекор за развојот на овој прекрасен спорт во нашата земја, а огромна заслуга околу организацијата на истиот имаше Александра Стојаноска, тренер од прилепскиот клуб “АВАНТГАРД”.
Во Прилеп присутни беа учесници речиси од целата држава, кои споделија меѓусебни искуства, но и научија многу нови работи, кои со сигурност ќе бидат од огромна помош за големи успеси во иднина.
Предавач на семинарот беше Елена Дукова – потпретседателка на Меѓународната федерација по Естетска Групна гимнастика, која во Прилеп дојде од Бугарија.
-Во атмосфера полна со ентузијазам, знаење и страст, собравме тренери, судии и љубители на естетиката, кои заедно го поставија темелот за иднината на овај спорт. Особена чест ни беше да ги доделиме првите национални судиски сертификати – официјално создадовме прва генерација на национални судии, подготвени да го водат и поддржат развојот на спортот на домашна сцена. Вечерта ја заокруживме со свечена коктел-промоција, каде што во пријатна атмосфера го прославивме овој важен момент – не само како завршница на семинарот, туку и како почеток на едно ново поглавје. Благодарност до сите учесници, поддржувачи и нашиот ценет предавач Елена Дукова – за инспирацијата, несебичната поддршка и споделеното знаење. Ова не беше само семинар – ова беше почеток на историја. А ние продолжуваме понатаму, со уште поголема верба и љубов кон овој исклучителен спорт – стои во соопштението од клубот за естетска гимнастика “АВАНТГАРД” од Прилеп.
Нам ни останува да им честитаме на сите за одличната организација, да им посакаме огромни успеси во иднина, и се надеваме дека ваквите напори ќе вложат со плод и што поголем број деца и млади ќе го засакаат овој спорт, а ние сите заедно ќе се радуваме на нивните спортски достигнувања.