Градот под Марковите кули започна со чествувањата за одбележување на 75 годишнината од почеток на народното востание и организираниот отпор на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор. Градоначалникот Марјан Ристески нагласи:
„Прилеп и прилепчани секогаш несебично застанувале на браникот на Татковината. Овој град многу дал за слободата на Македонија и затоа е гордост да се биде Прилепчанец посебно на овој голем ден“.
Чествувањето во приквечерието, започна со настапот на вокалните солисти на хорот „Мали Анѓели“, потоа следуваше и настапот навоениот оркестарот на АРМ со голем број на композиции, импровизираниот напад и огнометот започнаа во 19.45, а веднаш потоа следуваше изложбата на Васил Василев насловена како „Ретроспектива“ и секако во преполаната сала на ЦК „Марко Цепенков“, свој целовечерен концерт имаше Ансамблот „Танец“.
Утре, вторник на празникот ќе им биде оддадена достојна почит на дејците, борците, народните херои и жртвите што Прилеп ги дал во народноослободителната војна.Во четиригодишната народна револуција Прилеп дал 15 народни херои и околу 650 жртви чии мошти се на Могилата на непобедените во паркот на Револуцијата. По повод празникот свежи цвеќиња ќе бидат положени на Могилата на неподените, во Алејата на народните херои што се во комплексот „Парк на Револуцијата“, а почит ќе им биде оддадена и на идеологот на народната револуција Кузман Јосифоски-Питу и на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто пред нивните споменици во центарот на градот.
Празникот продолжува со одбележување на настаните од спортот, Car Show на Булеварот „Гоце Делчев“ , како и изложба на стари велосипеди.