Прилеп беше домаќин на меѓународен едриличарски камп: Настан кој привлече огромно внимание (Фото галерија)

Изминатиов викенд Спортскиот аеродром во Прилеп беше домаќин на меѓународниот едриличарски камп на кој учествуваа повеќе од 50 учесници од Македонија, Србија и Косово.

Кампот е дел од проектот “Bird’s Perspective from Balkan Clean Sky” финансиски поддржан од Western Balkans Fund, а го организираше Параглајдерскиот клуб Sky Riders Prilep заедно со партнерите Fly Dardania Prishtina, Aero club Nasha Krila Paracin и Center for innovation and development Inos Prilep.

Првиот ден од кампот беше посветен на едукативни часови за придобивките од спортот и едриличарството. Учесниците имаа можност да се запознаат со историјата на едриличарството, видовите едрилици, начините на полетување, како и метеорологијата која е многу важна при летањето со едрилици.

Искусните пилоти од земјата (Никола Иваноски, Метотка Стојанов, Васко Михалчев, Ѓорѓи Манчески и Димко Спиркоски) ги раскажаа своите едриличарски приказни пред идните млади едриличари. Дополнително се разговараше и за аеро загадувањето како еден голем проблем на земјите од Западен Балкан.

На вториот ден од кампот со информативна прошетка низ хангарот и аеродромот, учесниците имаа можност низ фотографии и видеа да се запознаат со историјата на едриличарството во Македонија, како и да се запознаат со едрилиците. Сите учесници на кампот имаа можност да летаат со едрилица заедно со пилотите. Покрај информативните летови, пилотите демонстрираа и акробатски летови со едрилици, а на настанот се збогати и со летови на Модели на радио контрола.

Третиот ден на едриличарите им се придружија и воздухоплови од останатите аеро клубови во земјата (Аеро клуб Штип, Аеро клуб Битола, Аеро клуб Скопје и Rimin Air Штип) на Аеро збиранката организирана од Аеро клуб Прилеп. Настанот беше од отворен тип и привлече внимание на многу посетители. Свој перформанс имаа и падобранците од Аеро клубот Наша Крила од Параќин со неколку падобрански скокови.

Настанот беше затворен со доделување на сертификати на учесниците и плакети и благодарници на сите оние кои го поддржаа истиот. Плановите на организаторот се и во иднина да продолжат со органзиација на вакви настани како и да отворат Едриличарска школа на која ќе се обучуваат идните едриличари.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.