Света вода крај црковен ѕид во Варош
– Лилјана Митрикеска Бушет која сега живее во Франција вели дека излечила голем број граѓани од целиот свет, но полицијата не и дозволувала
Дете откако прогледа од лековитата вода го бркаше полицијата и ме спречуваше да ги помачкувам болните, тажните, дојдени по илач дури од Австралија, Германија, Швајцарија, Англија, од цела Југославија, кај црквата Свети Никола во Варош”.
Вака се сеќава на една од немилите сцени, 84 годишната прилепчанка Лилјана Митрикеска, Јованоска, Бушет на мистериозниот исцелителен потфат долг четири месеци од пред повеќе од 50 години. Таа им дарила здравје и љубов на десетици илјади несреќни, болни, слепи, јалови, глувонеми, психички растроени и повредени луѓе. Подарените пари биле поделени во хуманитарни цели. По полициската забрана, заминала во близината на Марсеј во Франција каде и денес живее во среќен брак, покрај себе со пет деца, среќно омажени и оженети. Жали што не успеала да продолжи да ја користи својата природна моќ во добронамерни цели. Нереќна е оти не нашла разбирање од властите, градот да стане светилиште и да се претвори во рајска градина, како што тоа се случувало со гратчето на некое 13 годишно девојче со слична натприродна сила во Франција. При последниот престој во Прилеп, внуците ја наговарале баба си да ја открипак водата, но таа одбивала. Вели дека пак ќе “бурични” по лекот, ако í се јави светицата на сон.
Без суеверие до лековита вода
Преку телефон раскажува дека се сеќава како денес, како на сон и дошла Света Петка, истата, како везената во младоста.
– Имав 33 години. На сон честопати ми доаѓаше Света Петка и ме упатуваше до лековитата вода покрај ѕидот од црквата Свети Никола во Варош. Тоа не го сфаќав сериозно, оти не бев суеверна. Последниотпат ми се “закани” дека ако не го отворам лековитиот извор и не дарувам здравје, ќе ми го земе најмилото. Ми ги кажа и волшебните зборови. Шубе ми дојде на срцето, како секоја мајка, кога челатта се загрозени, па и на сон. Му кажав на мажот ми, а тој се посмеа. И кажав на мајка ми. Само таа ме разбра. Нога за нога, заедно отидовме да ја бараме водата од сонот. Како што ми претстави Света Петка дека имало големи камени блокови кои ќе ги кренам како пердув, така се случи. Ги извадив камењата со раце, небаре суви листови. Варошани почнаа да се собираат, да се чудат, да ме прават несалам. Мислеа дека бараме злато. Се плашев ако не излези вода, ќе пукни дури и резил, ќе се “крка” семеен срам. Продолжив да копам. Ги кажав волшебните зборови, кои никому, ниту на децата не сум им ги пренесла. О од под каменот рикна вода од три страни. Сите набљудувачи се вкочанија од вчудоневиденост. Измив неколку луѓе и така се прошири исцелителната моќ на вода – кажува Лилјана Бушет.
Чудесната вода станала прочуена, оти Лилјана секој петок пред изгрејсонце погалувала деца и болни, неарни и несреќни за здравје и радост.
– Многумина видоа себап. Се расчу низ Југославија и пошироко. Доаѓаа илјадници да бараат чаре за својата мака. Разбрале оти виделе аир други, па дошле по лек. Редици од сите страни на аголот кај црквата. Илјадници луѓе слетуваа од сите страни на Дуњата. А водата не се губеше додека бев тука. со заминувањето, исчезнуваше. Следниот петок, пак одев во нова мисија. Се сеќавам како едно дете кажуваше дека прозборело и просушало, а пред тоа било глувонемо. Друго дете од Војводина прогледало, а било ќоро ко мрак. Прилепчанка, комунистички ориентирана, сакаше да проба да се излечи од стерилитет. Ме замоли, да не ја види никој во муграта, да ја навлажнам на лицето со водата. За неколку месеци жената забремени. Станав нунка. Бебето го крстив Билјана. Паметам дека една прилепчанка куртули од епилепсија. Еден Турчин ми даруваше пет-шест златници. Му ги вратив, оти природната моќ да се дари здравје е благородност, а не бизнис – јасно се сеќава Лилјана.
Полициска контрола и забрана
Пренесува дека луѓето ја дарувале со пари и други подароци. Некои се обиделе да ја откопаат водата, но не излегувала од нивните раце од истото место. А даровите стоеле дома под креветот во куфер, додека власта се чувствувала повредена. Сметала дека Лилјана вешто мами, умешно изведува некој марифет. Се обидела Лилјана да ја демистифицираат и да ја искомпромитираат во народната мудрост. Не успеале, иако í поставиле постојан надзор на униформирани и цивилни службеници.
– Властите копаа во околината да бараат некое црево со вода, но не најдоа ништо во тоа строго време. По четири месеци, ми забранија да дарувам здравје, а парите, кои не знам ниту колку беа под креветот, ги зедоа. Само ме прашаа каде да ги даруваат. Им кажав да ги однесат во домот за старци, дел за во домот за инвалидизирани деца и дел во домот за деца без родители. Жалам што не ја делев повеќе лековитата моќ. Зашто не само болните, туку и градот ќе се “позлатеше” и ќе претвореше во светилиште. Едно такво гратче во Франција се прероди со вселенската дарба и вода на 13 годишно девојче. Девојчето почина, но остана градот да сведочи за историјата. Локалните власти и денес продаваат огромни количества сувенири и води. Многу туристи или љубопитни ја преслушуваат приказната. Доаѓаат, разгледуваат и заминуваат со полни раце разно-разни скулптури, вазни и други слични предмети – кажува преку жицата Лилјана Бушет.
Варошани се сеќаваат на лековитата вода. Велат доаѓале луѓе од секаде.
– Водата гинеше и идеше кога ќе се појавеше Лилјана. Бавчата со тикви ни ја изгазија луѓето од редици што се правеа околу црквата, а кои чекаа помош од светата вода. Траеше кратко, неколку месеци, а потоа жената од Митрикевци замина во странство – велат постарите варошани од околината на светилиштето.
Неколку години по забраната Лилјана се развела од сопругот и заминала во Франција. Во францускиот брак одгледала три деца од сопругот и заедничката ќерка.
Извор: “Неделник Зенит”