Прилепчанка меѓу најуспешните дипломирани студенти кои се наградени со признанието “Инженерски прстен” (ФОТО)

Претседателот Стево Пендаровски, на свеченост во Музејот на современа уметност синоќа го врачи признанието „Инженерски прстен 2019″, што по 16-ти пат им се доделува на најуспешните дипломирани студенти од техничките факултети.

Меѓу добитниците беше и Теодора Петреска од Прилеп дипломиран инженер геолог на Факултетот за природни и технички науки, отсек Геологија.

Теодора студиите ги има завршено со просек 9,1 и несомнено е еден од најдобрите студенти на факултетот.

“Наградата е посакувана и инспиративна, па од тој аспект, за мене како млад инженер, престставува мотив, поттик, желба за понатамошно усовршување, надградување, збогатување на моето досегашно знаење, како и дополнителна инспирација за вложување во областа на инженерството, во мојот случај геологијата, која и покрај тоа што беше голема, се зголеми уште повеќе со тоа што сум добитник на наградата Инженерски прстен, која е почеток на уште поголеми успеси и достигнувања”, вели Теодора.

Теодора вели дека надлежните институции треба да ги отварат вратите за младите инженери, да го препознаат квалитетот во секој поединец, а со тоа тие успешно да го применат своето знаење и искуства.

“Наградата е инспиративна, и навистина ми дава дополнителен поттик да го доусовршувам моето знаење, и со тоа да придонесувам секој ден, за подобрување на општеството и нашата држава Република Македонија. Секако на еден инженер му претставуваат предизвик нови нешта, па така она што го научив во изминатите четири години студирање, би сакала да го применам во истражувања на досега неистражените области богати со природни ресурси кои ги поседува нашата земја, да ја испитувам содржината и стабилноста на почвата, водите, актуелните прашања поврзани со климатските промени, како и сите внатрешни и надворешни процеси на нашата Земја”, додава Теодора.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.