Прилепските љубители на ракометот конечно имаат една пријатна вест и моменти за задоволство. Во организација на „ЗС Млади ветерани“ од Прилеп од 31 мај до 2 јуни 2019 година ќе се одржи првиот Меморијален меѓународен ракометен турнир за ветерани „Таста – Лара“ во чест на две големи имиња на прилепскиот ракомет.
Имено, Петар Кузманоски-Таста и Влатко Коруноски-Лара починаа минатата година, а ЗС „Млади ветерани“ во нивна чест организира оригинален турнир за ветерани на отворено, кој секоја година ќе ги собира поранешните големи имиња од Македонија и останатите европски земји.
Организацијата започна неколку месеци пред одржувањето на тридневниот турнир кој ќе се игра на отворено, на герфлор подлога и со многу заедничко дружење меѓу ракометарите и ракометните работници.
Целта е и помладите да се запознаат со кариерите на Таста и Лара, кои оставија голема трага во ракометот во овој град.
Наскоро ќе бидат обелоденети учесниците на првиот Меморијален турнир, а подготвени се и неколку изненадувања за сите кои ќе бидат дел од манифестацијата. Исто така ќе биде задржан и натпреварувачкиот дел од турнирот и за најдобрите предвидени се награди и признанија.
Кузманоски беше дел од „златната“ генерација на Тутунски комбинат и еден од најзаслужните за подемот на клубот во кој и ја заврши кариерата.
Цела една деценија го носеше дресот на Тутунски комбинат, важеше за еден од најборбените ракометари и подеднакво важен и во одбраната и во нападот.
По завршувањето на кариерата започна тренерска кариера и најнапред со најмладите, а потоа и со ракометарките оствари одлични резултати. По неговите стапки тргна синот Горан Кузманоски, кој настапуваше за националната репрезентација, има зад себе завидна интернационална кариера, а денес го носи дресот на Еурофарм Работник.
Влатко Коруноски беше дел од репрезентацијата на Македонија, беше голем талент и препознатлив беше по специјалитот – гол од „мртов агол“.
Извор: “Гол.мк”