Прилепчани утре одново ќе вртат педали: “Велосипедска патека сум дете, не ме знаеш ти, од Прилеп си!”

Под мотото “Велосипедска патека сум дете, не ме знаеш ти, од Прилеп си!”, утре со почеток од 17:30 часот, од пред споменикот на Aлександар Македониски во Прилеп, ќе се вози 54-та “Критична маса”.

Прилеп и понатаму останува единствен поголем град во Македонија кој нема ниту сообраќаен знак за вело – патека, а не пак функционална велосипедска патека – велат велосипедистите и додаваат:

“Тажна е сликата кога се асфалтираат и реконструираат улиците низ градот, а притоа пешаците и велосипедистите се комплетно заборавени.

Прилеп е град со 0 км велосипедски патеки и тоа е поразителен факт, за чија промена за жал никој нема слух.

Во светот се прават велосипедски патеки од рециклирани материјали, соларни велосипедски патеки, вело- патеки кој ја апсорбираат дневната светлина и светат преку ноќ, кај нас сеуште е проблем да се намести обичен сообраќаен знак за велосипедска патека.

Прилепчани сакаат да се движат низ градот на велосипед, и во лето и во зима, и стари и млади, постојано се на небезбедните градски улици и тротоари и покрај тоа што никој не води грижа за нив и нивните потреби во сообраќајот.

Време е за велосипедски патеки во Прилеп, време е за вело инфраструктура, градот го заслужува тоа…”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.