Прилепчани разочарани од министерот Сугарески: За експресен пат ќе чекаат до 2022 година

-Втората секција од Градско до Дреновска клисура е реализиран со 20,85 отсто.

ЈП за државни патишта на шпанскиот изведувач Конструксионес Рубауму го раскина договорот за изведба на првата фаза од изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп, на потегот меѓу Дреновската и Фаришката клисура. Од ЈП информираат дека изведувачот бил неколкупати опоменат за исклучително ниската ефикасност.

-Поради неизвршувањето на договорните обврски, согласно прифатената програма за работа и недостаток на бараната ажурирана програма, ЈП ја почна процедура за раскинување на договорот, со одобрување на кредиторот ЕБОР – посочуваат од ЈП за државни патишта.

Претпријатието веќе ја активира банкарската гаранција за шпанскиот изведувач. Зад себе оставиле 35 отсто изведени работи од предвиденото со проектната документација. Шпанската компанија беше ангажирана на почетокот на 2016 година.

ЈП најпрво ќе го анализира сработеното меѓу Фаришката и Дреновската клисура и ќе се изработи новата тендерска документација. Временскиот период за објавување на тендерот и за избор на новиот изведувач, како и крајниот рок за завршување на оваа фаза од експресниот пат, допрва ќе бидат соопштени. Првата фаза од изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп опфаќа секција долга 10 километри.

Инаку, засега без проблеми се реализира втората и третата фаза од експресниот пат. Втората секција од Градско до Дреновска клисура е реализирана 20,85 отсто. Овој дел од трасата долга 16 километри се очекува да се пушти во употреба кон крајот на 2022 година.

За третата фаза од експресниот пат Градско – Прилеп кон крајот на октомври ќе се распише тендер за избор за изведувач на градежните работи, под услов да нема измени во проектната документација. Градежните работи на секцијата долга 7,58 километри се очекува да почнат во април или мај в година, а завршувањето на нејзината изградба се предвидува за ноември 2021 година. Третата фаза ја опфаќа трасата од Прилеп до Ленишка река и од Беловодица до каменоломот на Маврово.

Извор: “ЗЕНИТ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.