Прилепчани донесоа светлина во познатиот манастир “Света Марина” во Мала Преспа (Фото галерија)

На познатиот манастир „Света Марина“ во селото Туминец во Мала Преспа, Република Албанија поставени се фотоволтаични панели. Манастирот датира од 18 век, а обновен е во 1926 година.

Идејата за оваа донација потекнува од верници од Прилеп, кои својата верба во Бог решија да ја покажат преку собирање на средства за поставување на овие панели кои донесоа светлина во овој прекрасен манастир.

Патрон на манастирот е Света Огнена Марина – Марена, што се слави на 30 јули, празник кој Македонците во Мала Преспа, традиционално го слават заедно и каде и да се исселени тие за овој празник се тука.

Вообичаено е на овој празник, кога заради жештините “гори небото и земјата, не се работи “ниедна работа”. Во народната традиција сочувани се примери на пожари или громови во во топлите празнични денови изгореле жито, сено и домовите на луѓето кои го прекршиле празникот и работеле на празникот на Свети Марина.

Селото Туминец е едно од десетте населени места во Мала Преспа. Се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро во близина на граничниот премин Стење-Горица и е второ село по големина, со околу 800 жители.

Манастирот се наоѓа на прекрасна локација која плени со својата убавина во сите годишни времиња.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.