Дискусијата за здрава животна средина отсекогаш била важна тема, но со воведувањето на иновативни начини на одложување на отпадот, се чини дека се’ поголем дел од населението започнува активно да се приклучува на (еко движењето). Така, во последните две години, и граѓаните на Прилеп покажаа дека нивната општина има огромен потенцијал за селектирање и правилно одложување на отпадот.
Откако во Општина Прилеп се поставени Повратни вендинг машини (ПВМ) на Пакомак за селективно одложување на амбалажен отпад, се забележува се’ поголем интерес за нивно користење, што покажува дека расте и еко свеста кај овие граѓани. Имено, жителите на Прилеп во 2024 година преку ПВМ селектирале дури 441.590 парчиња отпад, што претворено во тежина изнесува околу 15 тони отпад!
Резултатите добиени од повратните вендинг машини и апликацијата ЕкоМак покажуваат позитивен тренд на зголемување не само на бројот на жители кои селектираат, туку и на количината на собран отпад. Чисто за споредба, Прилепчани во 2024 имаат правилно одложено дури 387.506 парчиња отпад повеќе во споредба со 2023 година.
Но, овој податок е уште поимпресивен ако се земе предвид дека за разлика од многу други општини во земјата, Општина Прилеп не ги финансира „зелените поени“ во целост за да обезбеди дополнителна придобивка за граѓаните. Односно, во оваа општина има простор, но и желба од страна на граѓаните, да се забележат уште подобри резултати, ако се вложи само малку повеќе. Доволно е да се погледне што се случува во другите општини за да се заклучи дека постојат различни начини со кои може да се поттикне населението да се приклучи на еко движењето. Во моментов во Општина Прилепо се поставени три ПВМ. И секако, постои интерес кај граѓаните за поставување на уште една, две или повеќе повратни вендинг машини, на различни локации. Но, Општината има можност и да обезбеди додатна вредност за „зелените поени“, со што ќе ги мотивира граѓаните да селектираат отпад поредовно и во поголеми количини. Преку механизмот на кој работат повратните вендинг машини и мобилната апликација ЕкоМак, општината има можност да ги насочи „зелените поени“ кон проекти од заедничка корист, како донации, реновации на објекти, поддршка за локални општествено одговорни иницијативи и друго.
Во прилепчани лежи огромен еко потенцијал, а тоа само го потврдуваат обработените податоци од изминатите години и потребен им е само мал поттик за да се искористи целиот потенцијал. Добар пример за ова е соседната Општина Битола, чија локална самоуправа донесе одлука да ги финансира „зелените поени“ за да обезбеди додадена вредност за корисниците – а тоа придонесе за битолчани во текот на 2024 година преку ПВМ и апликацијата ЕкоМак да селектираат дури 30 тони амбалажен отпад. Дури двојно повеќе од Општина Прилеп!
Граѓаните на Општина Прилеп веќе трета година по ред имаат пристап до повратни вендинг машини во кои можат да го одложуваат амбалажниот отпад и за возврат да добиваат „зелени поени“, кои подоцна можат да бидат заменети со вредни придобивки и поволности, како што се: ваучери за попусти во маркети и други продажни објекти, плаќање јавни услуги и комунални трошоци. „Зелените поени“ за успешно одложување отпад се добиваат преку мобилната апликација ЕкоМак, на која во моментов има регистрирано дури 4.117 корисници.
Поставувањето на повратните вендинг машини е проект кој го започнаа Пакомак и Швајцарската амбасада како стратешки партнер, преку кој во изминатите четири години беа поставени 70 машини во 15 градови (општини) од земјата. Во моделот за поставувањето на машините приоритет имаат општини кои земаат учество во стимулирањето на нивните граѓани да ги користат машините со субвенционирање на „зелените поени“ – симболичен издаток за општината кој дава големи резултати во собрани шишиња и лименки што во спротивно би завршиле во речните корита и локалните депонии.
Преку повратните вендинг машини на Пакомак во текот на 2023 и 2024 година беа собрани околу 18 милиони шишиња и лименки, од страна на преку 46.000 регистрирани на корисници. Бројот на луѓето кои ја преземаат и ја користат апликацијата ЕкоМак секојдневно расте, а со тоа се зголемува и количината на отпад кој завршува на рециклирање, но и еколошката свест кај населението.