Шестмината велосипедисти од Прилеп: Филип Илиоски, Илија Димоски, Христијан Мојсоски, Дејан Дамески, Стефан Милошески и Филип Сливјаноски, направија вистински храбар потег искачувајќи го планинскиот врв Кајмакчалан со велосипеди.
Заедно до уште 7 други велосипедисти од Битола, Струга и Гостивар, тие го совладаа големиот џин на планината Ниџе кој се издига на 2524 метри надморска височина.
Дел од екипата беше и Мартина Николовска од Битола, девојка која ги заслужува сите пофалби за храброста и издржливоста.
Турата ја започнале од селото Скочивир од каде се упатиле кон врвот Кајмакчалан во 6:00 часот утрото на 12.08.2018.
Шест ипол часа подоцна стигнале до највисоката точка на врвот, каде ги развиориле државните знамиња и уживале во прекрасниот поглед.
Откако одмориле се упатиле кон почетната точка, а таму пристигнале околу 17:00 часот.
Кајмакчалан е еден од најтешките врвови за искачување во Македонија, а целата тура била во должина од 70 км, искачување и спуштање.
Да потсетиме дека пред извесно време, тројца од прилепчаните во групата на велосипед извозија тура од 645 километри за 42 часа.
Од Прилеп, преку Дојран, тие се упатија кон Солун, а потоа и кон Калитеа и Воден, за на крајот да се вратат во родниот град.
За вгодина ни најавија дека авантурата на велосипед ќе ја продолжат и до Будва.
Четворица прилепчани направија подвиг за паметење: 645 километри за 42 часа на велосипед (ФОТО)