Живот: Ален Стојчески, страсен колекционер на 3500 романчиња
– Ако мора нешто да продадам, куќата ќе појди, романите ќе останат
Ако некој мисли дека стрип-романчињата се само за деца или краткотрајна, безвредна ,,шунд,, литература, мора да се провери тој став. Доволен предизвик да го направи тоа е Ален Стојчески, 44-годишен сограѓанин. Поминал неколку животни фази – детство, младост, навлегол во зрелоста, променил и работни места – во АРМ и Граничната полиција, сега во Екомес, но ја задржал нескротливата страст кон романчињата. Близу четири децении чита и собира стрип-романи. Почнал од дете, кога живеел само со баба му.
-На 4 години тетка ми, на мајка ми сестра, ме научи да читам. Првите букви беа латинични, од извиците ,,bam, bam, fiu, fiu,,. Во прво одделение ме прашуваат: Која буква е оваа? – А. Другава? – Б. Ме коригираат: Оваа е ,,в,,, не е ,,б,,. Ти на латиница знаеш, кирилица не. Ме запишаа дури на седум ипол години. Романите ги купував секои петок – сабота. Ако излезат два-три во петокот, до неделата ми беа прочитани. Го читав ,,Џил,,, каубоецот во ново време од кого се објавија само 13 броја, исто и ,,Марти Мистерија,,, научни работи, фантастика – се навраќа на почетоците од дружбата со романите.
Вујко му, професор, ги имал старите романи, со тројцата мускетари, со Робин Худ, Тарзан и други интернационални ликови. Библиотеката ,,Лале,,, пак, ги давала претежно домашните, југословенски јунаци; Хајдук Вељко, Мирко и Славко… Имало и интересни историски стрип-романчиња на 32 страници, како ,,Животот на свети Климент Охридски,,, за светите Кирил и Методија… Значајните периоди и настани од историјата внесени во стрип. Или во ,,Политикин забавник,, за Кристофер Колумбо. Целиот материјал бил прилагоден кај децата да внесат љубопитство и да ги запамтат датумите, настаните и личностите.
-Сето тоа го прочитав. На училиште кога ме прашуваа по историја за Колумбо и за Америка како е откриена, одговарав со она што повеќе од ,,Политикин забавник,, го учев отколку од учебник. Кажав кое му било вистинското име, дека му обелела косата на 32 години… Во средно немав учебник, а сé знаев по историја. Професорот ми намали на ,,четворка,, оти немав учебник. Кога ќе купиш учебник, тогаш ќе ти пишам ,,петка,,. Продолжив да купувам само романчиња – не попуштал Ален.
Го читал ,,Таинствениот Алан,,, Алан Форд,, ,,Алан Скот,, и други кои многу не му се допаѓале и не ги собирал во колекциии. Или ,,Магичен ветар,, го привлекол, но од 120 денари го кренале на 400 и поради цената го откажал. Плаќал и повеќе, но за оние што со години ги читал. Најскапиот што го платил е 2000 денари. Бил со ,,Текс Вилер, и имал 500 страници. Го купил од Велес, како и многу други од тој дистрибутер. Велешанецот ги набавува од Хрватска и потоа му ги праќа по брза пошта. Некогаш Ален оди таму и се враќа дома со полна торба романи.
-Старите романи достигнуваат висока цена. Пример ,,Загор,, од првите броеви од серијата ,,Лунов магнус,, имаат цена и до 100 евра за едно романче. Може да се купи преку интернет. Старите се ретки и затоа се скапи. Сега се намалува тиражот. Хрватите печатат по 500 примероци. Само во Загреб би требало сите да ги продадат. Добро е што останува и за Македонија. Малку се, ама за мене мора да има. Другите како знаат нека се снаоѓаат – вели Стојчески.
Цел отсекогаш му е сите романи што ги нема, да ги најде и да ја комплетира колекцијата. Чита и собира. За разлика од други страстни читатели, тој не само што чита, ами и собира. Не само од една, туку од девет колекции: ,,Загор,,, ,,Блек Стена,,, ,,Текс Вилер,,, ,,Мистер Но,,, ,,Кен Паркер,,, ,,Марти Мистерија,,, ,,Кит Телер,,, ,,Капетан Мики,,, ,,Командант Марк,,. ,,Текс,, и ,,Загор,, се по околу 500 броеви. Од нив ако нема нешто, е само доколку не е истото објавено ниту во Србија, ниту во Хрватска. Такви можеби има околу 200 романи. Прво треба да се отпечатат во Милано, Италија, па сите други. Вкупно има 3500 романи. Доволно, како што вели, за ,,сребрен медал,, во државава. ,,Златен медал,, има тој велешанецот, но со тоа што тој ги препродава, прави бизнис, а Ален не. Ги чува како в библиотека. Еднаш му провалиле дома крадци и кај што барале нешто, наоѓале само романи. Се разочарале и ништо не украле од романите. Не се свесни, го оставиле највредното за Ален – романите.
-Тоа ми е богатството. Велешанецот ми има нудено дури 25000 евра за сета колекција. Му реков: Милион евра да ми дадеш, не ги давам. Ако снемам пари некогаш и мора нешто да продадам, куќата ќе појди, романите ќе останат – непопустлив е Ален.
Како авторите што тешко можат да кажат кој роман или јунак им е омилен, така и страстен читател како Ален, не може да се одлучи за омилениот стрип-јунак. Во детството интересни му биле детските ликови, а подоцна го засакал Текс Вилер. За него се раскажува дека прво бил одметник, во времето пред да стане ренџер. Потоа и Загор го засакува затоа што е заштитник на сите индијански племиња. За разлика од него, Текс е поглавица, поглавар само на едно племе. Ликовите се измислени, а единствен чие име постоело навистина е Мистер Но. Вистинското име му е Џери Дрејк. Кога бил пилот и заробеник на Јапонците, на секое прашање одговарал само со ,,No (Не),,. Така ги издржал малтретирањата. При престој во Бразил се сретнал со текстописецот и тука почнува приказната. Интересен е и Загор. Како лице е идентичен со авторот на романот Фери Галиено. Тој си го нацртал својот лик и така настанува популарниот јунак.
-Најмногу што во приказниве ми се допаѓа е тоа што доброто на крајот мора да победи. Од 1948 година досега никој нашиве херои не може да ги победи. Не умираат, ниту стареат. Мора да преживеат. Негативни ликови ретко има. На Загор вечен непријател му е Хелинген, а на Текс му е Мефисто. Првите броеви се со иста тематика: Роди останува сираче, во другиот роман и Мики останува сираче итн. Имав некоја симпатија кон таквите ликови, како Роди или Мики, оти и јас од мал сум бил сираче, при разведени родители – ја открива својот интимен мотив, Стојчески.
Нема потреба да го прашаме дали и до кога ќе чита и собира романчиња. Затоа што го знаеме одговорот – дури е жив. Зарем може да е поинаков одговорот од човек кој нарачува и добива нови и нови тури. Во секоја по десетина, некогаш и до 20 примероци. Додека ги чека новите, ги препрочитува старите. Дел од материјалите ги знае напамет. Оти веќе по четвртпат ги препрочитува сите 3500 стрип-романчиња.
Побрз од професорот
Во 1996 година Ален оди во војска, но наоѓа начин ништо да не пропушти од романчињата. Му остава пари на братучедот Гоце да му купува. За цел воен рок собрал 28 романчиња. Кога се враќа на отсуство, првин купува романче.
-Видов едно со ,,Загор,, и го зедов. По мене дојде еден професор и кажа дека и тој е колекционер, оти му е мака што тој не го зеде. Беше последното – си спомнува за интересната случка.
Рокер во душата
Ален има и втора страст: рок-музиката. Омилена му е групата ,,Бон Џови,, љубов пренесена од братучед од Битола, загинат во 2001. Ги сака сите нејзини песни: од ,,хеви метал,,, ,,хард рок,, до обичен рок. Му се допаѓа стилот – ,,рет мол,, (стаорец), а стаорецот сегде се пика. Ги има сите песни, вкупно околу 350, дури и необјавените. Необјавените се само како филмска музика. Последниот албум предминатата година е ,,This house is not for sale,, (Оваа куќа не е за продажба). Има и оригинали, за кои веројатно е единствениот што во Македонија ги има како такви. Албум од групата тешко се наоѓа во оригинал, а и многу е скап.
-Не знам колкава му е цената на оригиналот оти добив на подарок од сестра ми. Таа е Австралијанка, а работи во австралиската амбасада во Њујорк. Го купила по 6 месеци откако се појавил и тогаш бил поефтин. Рокер сум во душата и фан на ,,Бон Џови,,. Во 2011 година бев на нивниот концерт во Загреб на ,,Максимир,,. Картата и превозот ме чинеа 7000 денари. Имаше 30 илјади гледачи. За фудбал никогаш не би ми текнало да појдам, а за ,,Бон Џови,, веднаш. Пет часа уживав во концертот.
Извор: “НЕДЕЛНИК ЗЕНИТ”