Прилепчанец мака мачи со соседите кои му градат на диво пред куќата: Поднесол кpивична и ги известил сите институции, никој не реагира (Фото)

И додека вниманието на јавноста и медиумите е целосно насочено кон дивоградбите во Скопје, Охрид и Матка, вакви објекти никнуваат и во останатите градови на Македонија, а за тоа надлежните се глуви и неми се додека на социјалните мрежи не се крене поголема врева.

За еден таков случај деновиве на својот Фејсбук профил пишува Златко Думаловски од Прилеп, кој тврди дека пред неговата куќа од спротива на градскиот стадион “Гоце Делчев” во Прилеп се гради бесправен објект.

Според неговите пишувања објектот кој се гради е необезбеден и опасен за минувачите, а истиот му го затвора влезот до неговата куќа.

Думаловски вели дека ги известил сите надлежни институции, односно градежниот инспекторат при општина Прилеп, Основното јавно обвинителство и секторот за економски криминал во полицијата, но и покрај тоа никој не реагира.

“Покрај сите уредно заверени пријави во Инспекторат при општина Прилеп, Oсновното јавно обвинителство, и полиција сектор економски криминал, се продолжува со нелегалната дивоградба спроти градскиот стадион во Прилеп на ул.Александар Македонски бр.507. (Во прилог фотографии од истите) Кој е инспекторот во општината, како и судијата кој му ветува дека доколку ја покријат дивоградбата нема да му ја руши, иако за истата има решение и записник дека треба да се руши.

Каде се трудовите инспектори да излезат на терен да видат дека се гради необезбеден објект, бидејќи некој минувач или комшија може да настрада, а притоа истиот објект се гради ноќе до 22 и наутро од 3 сатот, како и во викенди. Објектот не го гради фирма туку физички лица кои се пензионери како и инвеститорите кои немаат лиценци за такви работи. Притоа се вознемируваат комшиите и минувачите.

Зошто и покрај уредно заверената пријава од пред околу 3 години до јавниот правобранител за узурпирање на државно земјиште сеуште не се излезени на терен за земјиштето со кп.број 15586/2 ил бр. 32583 сопственост на Република Македонија?

Зошто во ова тешко време со корона криза општина Прилеп на некого сака да му ги опрости парите за комуналии?
Дали инвеститорите кои градат уредно и со уредна документација притоа не се оштетени?

Како е можно некој во 21 век да премести бандера, да изѕидаа ѕид, да постави настрешница со јолук, да поставува стреи кај комшијата и притоа да му го затвори влезот на комшијата и сето тоа во дворот на комшијата, настрешницата на државно земјиште и покрај сите пријави никој да не реагира?

Каде се инспекторите и зошто не постапуваат во викенди кога утре 04.09.2020 година ден сабота и недела 05 истите сакаат да го покријат објектот?

Нелегалната градба, поддржувањето на истата, како и непостапување за истото е кривично дело.

Доколку никој од институциите па и градоначалникот не постапува за истото јас ќе бидам приморан правдата да ја барам пред централните власти во Скопје”.

Думаловски објави и документи и кривична пријава која ја поднесол против лицето кое бесправно гради на оваа локација. После писменото обраќање до Инспекторатот на општина Прилеп каде детално ги информирал, извршен е увид на лице место на 25.08.2020 година и е донесено Решение според кое, како што вели Думаловски, објектот треба да се руши.

Но, и порај тоа деновиве одново се продолжува со градење, а активностите се одвиваат дури и ноќе во викенди.

Думаловски во своите пишувања на својот Фејсбук профил вели дека добивал и закани по животот, за што исто така пријавил во полиција.

Во разговор за Маркукуле, Златко Думаловски вели:

“И покрај сите поднесоци од моја страна се продолжува со градба и се брза да се доизгради овој објект. Кога веќе се прават сензациии со дивоградбите во Скопје и Охрид, време е државата да обрни внимание во сите градови”.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.