Горан Кузманоски е еден од плеадата Македонци во ракометот со богата кариера, многу достигнувања и најбитно од се сеуште активен на паркетот, полни противнички голови како на шала. Роден Прилепчанец, настапувал за повеќе клубови во домашната лига, моментално го носи дресот на романски Одорхеи каде е најдобар стрелец на клубот. Горан е еден од низата амбасадори на бившиот ТУТ-КОМ и ни е особено драго што го имаме како сограѓанин.
Горан добредојде на маркукуле.мк. Како започна твојата ракометна бајка, кога активно започна да се бавиш со ракомет и кои се чекори ги изоди за да бидеш таму кај што си сега?
Здраво дечки и ви благодарам на интересот да се позанимавате со мојата ракометна сторија.
Јас потекнувам од ракометно семејство, можеби тоа е причината да од мали нозе започнам да го сакам овој спорт и да ми влези во вените. До душа никогаш точно не знам да одговорам на ова прашање. Да тренирам активно почнав на мои 10 години. Ги поминав сите школи, почнувајќи од пионерската, па кадетска и младинска. На 16 годишна возраст дебитирав за првата екипа на Тутунски Комбинат и од тогаш продолжив да се движам во нагорно ниво.
Кој беше секогаш со тебе, кој ти помагаше и ти беше поткрепа сите тие години на развој и градење на кариера?
Моето семејство пред се секогаш беше тука да ми помогни со совети, да ме предупреди за тоа колку е тежок професионализмот, можеби затоа влегов спремен во сето тоа и во целата таа приказна. Додека пак во интернационалната кариера само самиот на себе можеш да си помогнеш.
На клубски план, каде се настапувал Горан Кузманоски, од кој клуб си најзадоволен од условите и кое е твоето клубско најголемо достигнување?
Имам големо интернационално искуство, меѓутоа имам играно и за македонски клубови, како Вардар каде настапував во Лигата на шампиони, потоа Металург и Пролет. Низ годините во странство собирав искуство и се надоградував. Не беше лесно, за тоа знаат сите што излегле некаде надвор да играат. Меѓутоа поминав убави години. Од сите досегашни клубови најзадоволен сум од овој во кој играм моментално. Тука сум веќе 6 години. Со раководството сум во одлични односи и затоа се трудам колку што можам да помогнам и на наши македонски играчи кои скоро секоја година доаѓаат во клубот. Тука исто така го доживеав и најголемиот успех во кариерата, односно освојувањето на Challenge купот, кога како капитен имав чест да го подигнам пехарот. Таа година бевме тројца Македонци и воедно првите кои можат да се пофалат со такво нешто.
Кој ти дава сила, енергија, од каде потекнува најголемата поддршка за тебе?
Најголемата поддршка ја имам од семејството и пријателите. За да бидеш успешен треба да имаш мотив, јасна цел, самодоверба и позитивни луѓе околу себе. Се трудам да биде така секогаш
Какво мислење имаш за моменталната состојба на ракометот во Македонија и Македонската ракометна лига?
Колку што можам да пратам, искрено ми е криво што многу ракометни центри и градови згаснаа, но што е тука е. Се надевам ќе дојдат подобри времиња. Најмногу го пратам мојот матичен клуб РК Прилеп, на кој сум посебно горд што од година во година се враќа на правиот пат, онака како што беше пред многу години. Драго ми е што уште има луѓе што несебично го сакаат ракометот и направија многу за него.
Горан ти благодариме, горди сме на тебе, ти посакуваме да бидеш во топ форма секогаш и да го пренесуваш целото ракометно богатство со кое располагаш на идните генерации.
Ви благодарам и јас, ги поздравувам читателите на маркукуле.мк и моите Прилепчани.
Подготви: Александар Георгиоски