Во преостанатите часови од 2018 година се потсетуваме на сите личности од Прилеп чии стории, достигнувања и дела ја одбележаа оваа година. Тие се нашите херои, а нивната приказна, спортски подвизи, случки од минатото и дела… ја oсвоија нашата публика. Ова се ликовите кои заслужуваат уште многу да се зборува за нив, нивните животни стории да бидат пример, а нивните успеси и подвизи да бидат мотив.
Доказ дека чудата се случуваат во животот и дека силната верба и волја можат да ја променат состојбата во која би се нашле, е токму прилепчанецот Бојан Чунде.
Бојан е роден со “Хемофилија Б” – генетски наследна состојба. Животот му го задал првиот удар уште од раѓање, а вториот удар го добил кога имал 20 години и доживеал повреда, при што останал во инвалидска количка.
Никој од лекарите не му гарантирал дека одново ќе може да функционира како порано, но цврстата убеденост дека ќе успее му овозможила денес да живее нормален живот.
Бојан во Прилеп е препознатлив по својот одличен вкус за мода и секогаш ги следи најновите модни трендови.
Тој во емисијата “Урбан таг” на Телевизија “ТВ21” во јануари оваа година ја раскажа својата приказна и сите згоди и незгоди кои ги доживеал во животот.