Еден од македонските интернационалци со најдолг стаж во Романија, средниот бек на Одорхеи, Горан Кузманоски е назначен за привремен играч-тренер на романскиот прволигаш до крајот на тековната сезона. Откако минатата недела Одорхеи изненадувачки беше елиминиран во плеј-офот од Доброгеа Суд на Ангеловски и Ракчевиќ, тренерот Влад Чаба си поднесе оставка.
Човекот кој седум години го носи дресот на Одорхеи ја доби улогата играч-тренер во последната фаза од сезоната и натпреварот против Калараши за петтото место во романскиот шампионат.
„Тука сум седум години, имам одличен однос со челниците на клубот и добив понуда да помогнам во последната фаза од оваа сезона како привремето тренерско решение. Затоа прифатив да помогнам за двата преостанати натпревари. За следната сезона ќе биде ангажиран нов тренер, а со оглед на тоа што добив понуда да играм во Одорхеи и во наредната сезона, најверојатно ќе ја прифатам и ќе останам“, изјави за Gol, Кузманоски.
Горан Кузманоски во Одорхеи ја дели соблекувалната со уште двајца Македонци, Гоце Ојлески и Милорад Кукоски.