Мермерното езеро во селото Беловодица во Прилеп, или пополарно познатото прилепско Памуккале, за краток период стана атракција и е посетувано и од стотина луѓе дневно.
Но, несовесноста и немањето почит кон недопрената природа и убавина и тука дошле до израз. На фотографиите кои ги добивме од наши читатели, при нивната посета пред неколку дена, се гледа дека наишле на многу пластични шишиња и друг отпад на просторот околу езерцето.
На расипниците малку им било тоа, па решиле и нивните скапоцени имиња да ги испишат на мермерните етажи.
Луѓето апелираат да се зачува оваа атракција, да се негува и да се унапреди. Ваквите сквернавења на природата предизвикуваат само осуда и гадење. Не значи дека ако нема корпи за отпадоци, ѓубрето треба да го фрлите на земја. Почитувајте ја природата, таа секогаш ќе ве награди со уште некоја ваква оаза.