Во центарот на Прилеп деновиве никнаа два нови мурали, едниот со ликот на Стале Попов, а другиот со Блаже Конески.
Токму вториот мурал со ликот на Конески предизвика реакции кај граѓаните, затоа што беше насликан на еден од ѕидовите на поранешниот хотел “Скопје”, на местото каде стоеше мурал со Гоце Делчев.
Новите мурали се дело на уметниците од Центар за современа ликовна уметност-Прилеп, а се во рамките на проектот „Уличната уметност, можност за реактуелизација и презентација на дејноста и делата на нашите истакнати дејци.
Проектот финансиски е поддржан од Владата преку јавниот повик за финансиска поддршка за индустријата и операторите за организација на настани по повод 30 години од државноста.
Реакциите на дел од граѓаните се дека во Прилеп има и други згради со препознатливото за комунизмот бетонско сивило, каде можеше да биде насликан ликот на Блаже Конески.
Историчарот Горјан Василевски, на својот ФБ профил како реакција напиша:
“Никогаш во цивилизираниот свет нема да биде покриен портерет на великан со друг великан … пр. никогаш портрет од Волтер нема да биде покриен со Александар Дима или Шекспир нема да биде покриен со Перси Шели односно со Сер Томас Малори или Гете со Шилер, Пушкин со Гогољ итн, итн – но тие твореле кај народи кои имаат здраво национално ткиво и таму живеат цивилизирани уметници, не рамковни . Блаже Конески сега е вентилатор во своето вечно почивалиште ….
Тоа што го покријаа беше инспирација за Блаже Конески. Овие како што се тргнати ќе го покријаат и ликот на Крал Марко на западната надворешна страна во црквата Св. Архангел Михаил со Муса Кесеџија… поради меѓуетничка интеграција во Македонија, а и ќе “решат” тешка геостратешка грешка кај македонскиот народ направена во 1372 година. На тој начин ќе “влеземе” во пандемониумот Европска Унија.
Мислам дека треба да се срамат од самите себеси. Блаже Конески е кодификатор на македонскиот јазик, односно го институцијализирал делото на Крсте Петков Мисирков. Не би сакал да држам час по историја, туку да сфатат дека не може да се бриши цивилизациски континуитет во една држава, на тој начин егзистира цивилизиран свет.
Ќе направам една мала компарација, единствени скоро полу – луѓе кои сакаа да уништат културно наследво и цивилизациски континуитет беа ИСИС, кои вандализираа храмови и статуи од Асиро – Бабилонскиот период. Ова што го направија нашиве сликари е чист вандализам врз ликот и делото на Гоце Делчев”.