„Иако мина повеќе од половина век, спомените не бледнеат. Како вчера да седевме во средношколските клупи. Да му благодариме на Бога што денес можеме пак да се чувствуваме млади.“
Не можеа да ја скријат возбудата и полните очи сјај и радост што генерацијата 1957/61 година од гимназијата “Мирче Ацев” имаше празник на 55 годишнината од матурата. Седнати зад училишните клупи им извираа плипот спомени на некогашните гимназијалци, меѓу кои и од дијаспората и од поранешните југословенски држави. Горди се што образованието го добиле во реномираната образовна институција. Жар им гори во очите како пред повеќе од половина столетие. Се сметаат за поуспешна генерација, оти од класовите никнале познати личности од сите сфери, градоначалници, бизнисмени, професори, лекари…
Професорите не им се придружија, оти заминале од овој свет. Им оддадоа почит со едноминутно молчење. Како поранешен просветен работник, класниот час го презеде другарот од клупите, Круме Стевананџија. Наместо да ги сведуваат оправданите и неоправданите изостаноци, извади список на ученици, дело на Благоја Богатиноски, од кое ги исчитаа имињата на генерацијата.
– Завртив куп телефонски броеви да се собереме триесетина души на класниот час. Наум Мојсоски четирипати ме одби, оти го чувал внучето. Не одолеа да не се види со школските. Ова е најубавиот час откако заминав во пензија. Задоволство е да се биде “класен” на триесетина од 99 матуранти. Ќефот е поголем, оти се присутни и “ученици” од дијаспората и од ЈУ државите. Го сакавме учењето, другарството кое и денес го негуваме. Си помагавме без нетрпеливост. Затоа ќе се стремам да продолжи традицијата, макар и двајца да останеме. Благодарност до Витаминка и Пиварницата што нé почестија со производи на средбата – вели професорот во пензија, Стевананџија.
Далечините не беа пречка за Андријана Војничанец Рендал, која 50 години живее во Америка. Иако често го посетувала родниот град додека бил жив сопругот, ретко присустувала на матурските средби. Душата годинава не í давала да прескокне уште едно генерациско дружење. Долета преку “Големата бара” да го “згасне” пламенот во срцето со ракување и гушкање со школските другари.
– Бев на десетгодишнината од матура и сега. Мажена бев за Американец. Ричард беше заљубен во Прилеп. Редовно доаѓавме, оти куќата ни беше дадена под наем. Ја продадовме, оти старееме и затоа одамна не сум била дома. Годините се арни, ама сум заборавила, не ги познав сите школски. Го памтам Самарџија, оти ми е прв братучед. И Туте, со кого живеевме во Долно маало. Најубаво е да се препознаат физиономиите, да помуабетиме некој саат, да се сетиме на школските другари и другарки. Пред да заспијам ноќе, често мислам на средношколските денови, кој што направил, кој до каде стигнал во животот. Сметам дека успеав во животот. Апсполвирав право во Загреб. Во Америка специјализирав право, а магистрирав по библиотекарство. Сакам да напишам книга како алманах, до каде дојдов и до каде стигнаа другите. Кога помнењето ќе ме изневери, да го разгледам, да се сетам на сите и никогаш да не ги заборавам – кажува Рендал.
Од ЈУ просторите е Стефка Загурчева Димитриевиќ.
– Во Крушевац живеам 40 години. Дојдов специјално за средбава. Редовна сум, не пропуштам да се видам со генерацијата. Ме влече и родното место, Варош – вели Димитриевиќ.
Дел од генерацијата е и Кирил Самарџиоски, извршниот директор на Прилепската пиварница.
– Иако мина повеќе од половина век, останаа спомените. Како вчера да седевме во ученичките клупи. Не мирувам и на овие години. Подготвувам книга за историјата на Пиварницата. Ќе добие примерок со мој потпис секој од генерацијата – додаде Самарџиоски.
Некогашниот новинар Тачко Локвенец вели дека бесценета е зрелата доба, оти не секој има среќа да ја доживее.
– Голема е возбудата што секои четири години се собираме да се потсетиме на минатите години. Бевме “деца од улица”. Кога нé носеа на натпревари, не одевме да гледаме по излозите, туку себе си се гледавме на стаклата – вели Локвенец.
Расположените матуранти се присеќаваа на образованието. Се лутеле, а сега низ смеа раскажуваат за времето кога имало строги морални норми. Горди се што се образовале во институција, која, и во тоа време важела за гимназија со високо реноме, а и денес е на врвот. Среќни се што после толку години евоцираат спомени не само за училиштето, туку и за екскурзиите.
– Се паметат најмногу екскурзиите. Таму бевме опуштени, оти школството беше дисциплинирано, со “мантили” небаре униформи одевме на училиште. Бевме блиски, другарство невидено, искрено, детско, не посесивно. И успешни. Над 90 отсто завршивме факултет. Со Донка Богдеска и Христина студиравме. Остана блискоста. Неверојатен човек е Богатинче. Успева да собере минимум дестина души на кафе барем еднаш годишно. Ем главен организатор, ем не дозволи да платиме ниту денар за средбите – кажува Надежда Николоска Милошеска од Скопје.
Со задоволство се сеќаваа и на професорите, благодарни за советите во училиште.
– Синето беше последниот професор кој замина од овој свет. Паметам дека еден роденден славев во слаткарница заедно со него и со школските Тачко, Круме. Го памтам и Беличанец, оти на син му му бев класна. Меѓу омилените беше и професорката по руски. Нé забавуваше и часовите минуваа лесно како песна – кажува Марија Чутаноска.
Низ џагорот се слушна „Избркај го Блаже ако не е мирен“. Всушност, фалби паднаа за Благоја Богатиноски, кој бил организатор на “неофицијалните дружења”. Бил првенец на генерацијата и завршил електро-технички факултет, на кој 44 години бил технички соработник, ректор, низ чии раце поминале 20 илјади дипломирани студенти.
– Ќеф е собирот на гимназиското друштво. Сите се симпатични. Не ми е тешко да им се јавам на прилепчани и скопјани. Иако сите сме на различни страни и патиштата ни се разделиле, ги најдувам преку именик на интернет. Еднаш собрав дури 38 гимназијалци – додаде Богатиноски.
Со аплауз го поздравија и Методија Миланоски, другар со убави манири, кој им носел цвеќиња за внимание на понежниот пол. Меѓу генерацијата беа и брачните сопатници, Стојанка Попова и Борис Костоски.
– Ме викаа Руското. На сите им бев интересна дека од друга земја дојдов во втора година во Гимназијата. Во различни класа бевме со Борис. Симпатијата “се роди” последната година на одмор од училиште. “Се фативме” дури трета година на студии. Учев медицина, а тој машински инженер – вели Стојанка Костоска.
Ги носат годините матурантите во осмата деценија од животот. Не се средношколци, но ги држи здравјето и вијат ора и песни пеат.
Извор: НЕДЕЛНИК ЗЕНИТ