Прилепските Ротари се збратимија со колегите од Лесковац (ФОТО)

На ден 29.11.2025 година, Ротари клубот Прилеп се збратими со Ротари клубот Лесковац од Србија, на денот на прославата на 90-годишниот јубилеј од формирањето на овој клуб. Истовремено, овој датум е значаен и од историски аспект, имајќи го предвид фактот дека многу години двата народи го прославуваа како Ден на републиката.

На свеченоста, од страна на претседателите на двата клуба (Орде Ѓорѓиоски и Атанасијевиќ) беше потпишан меморандум за соработка, а беа врачени и плакети и пригодни подароци. Од страна на членовите на Ротари клубот Лесковац, беше направена кратка презентација за историјата од формирањето на овој клуб, па сè до денешен ден, за што е издадена специјална публикација.

Чинот на збратимувањето е само почеток на едно долгогодишно пријателство помеѓу членовите на двата клуба, взаемна почит и инспирација за служење во заедницата и регионот во кој живееме и работиме. Претставниците на двата клуба дополнително одржаа и заеднички состанок на 30.11.2025 година, во рамките на кој изразија подготвеност за интензивна комуникација и отпочнување соработка на конкретни проекти во наредните неколку месеци. Фокусот беше ставен на разгледување на можноста за вклучување во проект за доделување глобал грант од Ротари фондацијата, а со цел да се реализира сериозен проект од значење за двата градови.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.