Прилепските компании со заедничка хумана мисија – подобрени услови за децата во болницата (ФОТО)

Со искрена радост го споделуваме придонесот на неколку локални компании кои несебично помогнаа да се подобрат условите во детското одделение при Прилепската болница – информираат од болницата на социјалните мрежи.

Компанијата “Кабелнет” донираше богат сет едукативно-забавни играчки за деца постари од три години. Играчките не се само забава – тие ќе им помогнат на децата полесно да го поминат болничкиот престој, внесувајќи повеќе игра, смеа и убави моменти во нивниот ден.

Компанијата “Декор Завеси” придонесе со целосно нови завеси за просторијата на дневната болница. Со нив просторот доби посветол, потопол и пријатен изглед, што значително ја подобрува атмосферата за малите пациенти.

Аптеките “Мента Фарм” обезбедија комода и транспортен аспиратор – опрема од големо значење за секојдневната работа на персоналот и за навремена, квалитетна грижа за децата.

Дополнително, веќе 2–3 месеци секое новороденче родено во болницата, покрај стандардното пакетче од компанијата “Тритекс”, добива и заштитна маст против иритации од пелени (маст за потпарено), донација од аптека “Ремедија”, што претставува вистинска поддршка за родителите во првите денови по породувањето.

Благодарение на ваквите компании, децата добиваат поквалитетен, потопол и похуман престој во болничката средина.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.