Прилепскиот Завод и Музеј штотуку ја реализира втората истражувачка кампања на мошне значајна градба во месноста Долиште во близина на селото Прилепец. Првпат на оваа локација се истражуваше во 2022 година.
Оваа година во рамките на годишната проектна програма поддржана со 180 000 денари од страна на Министерството за култура и туризам на РСМ, продолжи да се открива една просторија од римска античка бања. Тоа е просторијата во рамки на бањата во која луѓето кои доаѓале да ја одржуваат својата телесна хигиена се потеле. Тоа е т.н. судаториум. Оваа просторија имала висечки под од керамички плочи и малтер кои лежеле врз столбчиња од т.н. хипокаустни керамички кружни тули. Под овој висечки под струел топол воздух. Тоа е всушност еден вид на подно загревање, но со мошне топол воздух. Евидентиран е и сегмент од уште една просторија од бањата, т.н. префурниум, во која се ложел оган кој го затоплувал воздухот кој струел под подното ниво на просторијата за потење.
Римските бањи од овој тип се појавуваат во средината на 1 век пред нашата ера. Покрај двете наведени простории имале уште соблекувална, просторија со базен со топла вода, друга со базен со ладна вода и трета со базен со млака вода. Помали бањи имале во рамките на своите луксузни куќи побогатите граѓани од тоа време, додека за останатото население на градовите биле градени јавни бањи како што е бањата кај Прилепец.
Констатира дека е тоа јавна градба се според огромните димензии од 11 х 8 м. на просторијата за потење којашто се истражува, како и според откриениот мермерен столб од преку 2,5 м. во должина (заради лимитираниот буџет за истражување столбот не е откриен во целосна должина), а кој стоел покрај влезот од надворешната страна. Оваа бања била речиси неколку пати поголема од јавните бањи откриени во другите антички градови кај нас.
Што се однесува до тоа кој град егзистирал на поширокиот простор кај селото Прилепец, би можело да е тоа сеуште неубицираниот град Пелагонија. Покрај бањата која се истражува оваа година, од движни наоди се откриени две бронзени монети, една на Александар и една кована од градот Пелагонија. Монетите на градот Пелагонија кои се ковале веднаш по поделбата на античка Македонија а по окупација од страна на Рим во средината на 2 век пред нашата ера, се мошне ретки.
Во претходните години во непосредна близина се истражувани неколку пунктови за погребувања во подолг временски интервал од околу 800 години (од 6 век пред нашата ера до 3 век од нашата ера. Во двориштето на селската црква во Прилепец во минатото мештаните имаат донесено неколку мермерни плочи со натписи кои говорат за значењето на градот, за жал без спомнато негово име. На еден од овие натписи се спомнува Стибера, така што дознавме за врските на двата градови во античко време. Во педесетите години од минатиот век е случајно откриена остава со над 200 сребрени монети на античките македонски и пајонски кралеви која денес се наоѓа во Археолошкиот музеј во Скопје.