Прилепскиот театар има петмина нови пензионери: Ашата, Чакмако, Најдо, Цветанка и драматургот Гоце за последен пат се поклонија пред публиката (Фото)

Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ синоќа одбележа 73 години од формирањето. Годишнината беше одбележана со изведбата на претставата „Декамерон “ според Бокачо, во режија на Мартин Кочовски.

Во претставата играат Александар Степанулески, Наташа Ачански, Здравко Стојмиров, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Марија С. Илијеска, Ангела Наумоска, Игор трпчески, Михајло Миленкоски, Андон Јованоски – Ашата, Александар Тодески, Димитар Црцороски, Цветанка Чавлеска, Сара Спиркоска и Леонардо Лазов.

„Декамерон“ е претстава која ја следи цикличноста на постоењето, каде што човекот низ постојана борба со вселенските или божествените неправди успева експлозивно да го издигне својот дух.Силно удира по деликатни места на општеството, будејќи воодушевувачка радост од театарскиот чин. „Декамерон“ е претстава полна со живот. Претстава која стои на хуманистичката платформа на Џовани Бокачо и зборува за човековата волја за живот, радоста од „сега и тука“, за нашата кревкост, но и за силата на човечкиот дух низ ефемерноста на среќата и поуките на трагичноста.

Првата претстава во театарот „Војдан Чернодрински е “Кир Јања” од Ј.С.Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски, изиграна на 18.02 во 1950 година. Оттогаш, разните генерации актери, ределе премиери еднаподруга, нижеле успеси, а ансамблот се збогатувал со искуство. Денес, повторно, заради пензионирање на четворица актери, има недостиг од актери.

На сцената на театарот „Војдан Чернодрински“ досега се прикажани околу 370 премиери, изиграни над 7000 претстави, кои ги гледале над 1, 7 милиони луѓе. Најгледани и најиграни претстави во 73 годишното постоење се “Солунски патрдии” од Миле Попоски, во режија на Коле Ангеловски и „Од кол на кол“ исто во режија на Коле Ангеловски, играни над стопати.

Синоќешната изведба беше проследена со аплаузи за екипата од претставата “Декамерон” од преполната сала, а притоа со многу емоции беше проследено последното поклонување и доделувањето на признанијата за актерите Андон Јованоски,
Марјан Чакмакоски, Цветанка Чавлеска, Најдо Тодески и реквизитерот Гоце Наумоски, кои заминаа во пензија.

Им посакуваме среќа и долги години да си ја користат заслужената пензија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.