Прилепска тренерска надеж во ракометот, Ице Соколески за маркукуле.мк

Отворено со Ице Соколески, тренер во Ракометен Клуб Прилеп. Опширно за моменталната состојба во ракометот во Прилеп и Македонија. Расположен за разговор, низ насмевка и кафе, како во еден здив, Ице не “бомбардира” со ракомет.
Здраво Ице и добредојде на markukule.mk .

Добро ве најдов и благодарам за поканата.

Ти си млад тренер, на почеток на тренерска кариера, кажи ни нешто повеќе за тебе и како се најде ти во светот на ракометот?

Да, за 3-4 месеци ќе полнам 35 години, а веќе четврта година работам во РК Прилеп. Зборот ракомет има посебно место во мојот живот и слободно можам да кажам дека после фамилијата, ракометот ми е главно мото, движечка сила, енергија. Едноставно, опседнат сум и 24/7 со ракомет преокупиран. Прв пат во универзалната сала на ТУТ-КОМ ме однесе мојот татко. Бев многу мал, а тој штотуку се откажа од активно играње. Ми влезе во крв и тоа трае и трае до ден денес. Ги поминав буквално сите категории во РК ТУТ-КОМ, а прв пат во сениорскиот тим ме повика Богдан Маковеј, чинам тоа беше 1994 година. Таму бев се до последниот ден од неговото постоење и трансформацијата на клубот во Златен Даб, а потоа во РК Прилеп.

Како е поставен во моментов клубот, едноставно, како функционирате?

Пред четири години се јави иницијатива кај градоначалникот на Општина Прилеп Марјан Ристески, кој во една ситуација, рекреативно играјќи фудбал ми рече: – “Ице, ракометот во Прилеп мора да го вратиме на старите патеки , Прилеп е жеден за ракомет ! “
И така почна се. Набрзо се оформи иницијативен одбор, почнавме буквално од нула. Брзо потоа се екипиравме и започнавме со работа. На иницијативата се приклучи Александар Мариновски, претставник од бизнис секторот во Прилеп. Александар во ракометот не бил никогаш, но се вложи себе си со целиот свој ентузијазам и искуство во менаџирање. Го осети вкусот на победата, на поразот и така се зарази на некој начин и тој. На почетокот работев со голманите, водев своја група деца, му бев асистент на тренерот Орде. Првата полусезона се регистрирав и играв, а во меѓувреме бев задолжен и за обавување на техничките и организаторските работи околу клубот. Не сакавме да брзаме и направивме план (програма) по која ќе се движи клубот. Клубот растеше од ден во ден. Се појавија и првите засилувања во името на Боро Чурлевски кој несебично го делеше своето огромно знаење и искуство со мене. За жал тоа не траеше долго. Боро замина во легендите, а јас на сред сезона прифатив огромен товар и одговорност, да го однесам клубот кон висока и амбициозна цел, која се викаше play off. Во мене потајно вирееше мислата : млад си, да не изгориш ! Но, така е тоа во спортот, некогаш треба и луда храброст. Сепак на крај успеавме, дојдовме до зацртаната цел, ги донесовме во Прилеп големите Вардар и Металург, ја наполнивме универзалната сала како некогаш. Денес тука е Томе Петревски, легендарен македонски ракометар кој дојде да пренеси дел од своето ракометно богатство и да помогни клубот да се издигне на уште повисоко ниво. Јас сум тука до него, му асистирам и внимателно учам.

12081419_10206588186094836_909801222_n

Оваа сезона во клубот имате и повеќе интернационалци, можеби невообичаено за Прилеп. Која е иднината и реалната слика на ракометот во Прилеп и Македонија?

Одлично прашање. На оваа тема можам и сакам да зборувам навистина многу. Ќе бидам максимално искрен и реален. Да, имаме тројца ракометари од Србија, еден од Украина и еден од Босна и Херцеговина, како и по еден од Битола и Скопје. Исто така во клубот тренираат повеќе од 120 млади кадри. Имаме талентирани деца тоа е факт, но имаме проблем. За жал во нашето општество на дете кое има индиции да достигне поголема висина, му велат ти си за кошаркар. Детето започнува да тренира кошарка и таму го ставаат на позиција центар, оти е високо се разбира, а тоа високо дете е едвај 191 cm. Сето тоа е трагикомично на некој начин, бидејќи можеби тоа дете е новиот Лазаров, Мојсовски, Миркуловски. Исто така хендикеп ни е и таа лева рака. Апелирам до сите наставници по физичка култура да секое дете кое има појака лева рака и знае да направи колут напред од прва, да го донесат во клубот за општокорисно задоволство.

Во јуни бевте дел од првиот ракометен камп на Кире Лазаров во Охрид. Кажете ни како се случи тоа и споделете некое искуство од таму до читателите на маркукуле.

На мое огромно задоволство добив повик од Барселона, од капитенот, кој морам да кажам дека заедно со Горан Кузмановски Таста ми се најголема поддршка и мотив за работа и докажување. Повикот гласеше : -“ Ице имам проект и те планирам тебе. Не затоа што сме другари, затоа што мислам дека вредиш и заслужуваш “
Во тој момент ова ме остави без зборови. Се случи кампот и ќе го паметам тоа огромно искуство за мене. Имаше повеќе од 150 деца и се работеше два пати на ден по план и програма. Едноставно ќе кажам дека капитенот Лазаров со своите размислувања е 20 години понапред од сите нас. Тој ја замислува во глава секоја идна позиција и генерација на македонскиот ракомет. Да имаше Македонија барем уште еден, два вакви синови, кај ќе ни беше крајот?!

Благодариме за исцрпниот разговор и се надеваме на соработка и во иднина.

Благодарам и на вас што како млад медиум издвоивте простор за ракометот во Прилеп и за поддршката на клубот.

 

12080968_10206588185454820_504767613_n

Подготви: Александар Георгиоски




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.