Прилепска промоција на „Дождови во мај“ на Даница И. Лепојевиќ

„Дождови во мај“ на Даница И. Лепојевиќ е длабоко-интимно четиво, четиво без задршка… На раб на лирика и еротика… Директно и отворено, целосно ранливо и сосема храбро женско писмо… Интерактивно четиво кое инстантно му се обраќа на читателот… Нешто меѓу книга поезија и таен дневник, зачинети со Инстаграм-содржина… Односно сè заедно.

„Дождови во мај“ е дело составено од поезија и дневнички записи во печатен формат и аудиовидео материјал поставен на Инстаграм-страница до која се стигнува со QR-кодови распоредени низ страниците на самата книга. Ова е прво дело со ваква структура и содржина во нашата земја, како и со ваква презентација пред читателот. Со необичниот и холистички пристап кон внатрешниот свет и творечкиот процес на авторката, таа ги поканува читателите директно и длабоко во нејзиниот интимен „дом“, нудејќи ги сите медиуми на негово искусување – зборот и чувството, цртежот, фотографијата и видеото, звукот и наративот.

Даница И. Лепојевиќ е македонска поетеса со четири издадени книги – освен „Дождови во мај – сублимирани емоции со две лажички мед“ зад неа се и поетските збирки „Сјај и страв и песни“ во 2016 г. и „Пребивалишта“ во 2019 г., како и една збирка микро и кратки раскази „Една ноќ друга – исечоци катадневна магија“ издадена во 2024 г. Даница има многу страни. По вокација е Трансформационен ментор за личен и духовен развој и Холистички ментор за раѓање и мајчинство. По едукација е психолог, наставник по јога, дула и советничка за доење. За себе смета дека по душа е поетеса на магијата во секојдневното, по дух – еклектичен номад во постојана потрага по знаење и по ум – археолог на човековото постоење.

Но по срце… по срце таа вели дека е лакримариум на бескрајната, безусловната и бескомпромисната Љубов што Универзумот ја има за секој од нас… или барем дека постојано се стреми тоа да стане.

Освен авторката, од книгата ќе читаат поетесата Габриела Стојаноска-Станоеска и актерот и поет Игор Трпчески. Промотор на делото е Звонко Димоски.

Промоцијата ќе се одржи во сабота (25.10.), во 18 часот, во кафе-барот “Тротоар”.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.