Антички релјефен мермерен столб од околу еден ипол метар украсен со старомакедонска орнаментика е свето место крај гробиштата во селото Волково. Селаните пред повеќе од едно столетие го пренесле каменот крај селото, откако Турците им ја изгореле црквата. Така столбот им станал храм под ведро небо.
Местото е покриено и оградено да сведочи за идните генерации, да се сочува симболиката дека жителите палеле свеќи за здравје на каменот уште од 19 век.
За познавачите на теренот со траги од античка населба, каменот е дел од некоја античка градба крај селото. Потврда се археолошки истраги пред неколку децении.
Но, просторот одамна е запоставен и зараснат во густи трње. Истражувачите сметаат дека мермерниот столб е извајан во дорски стил. Бил дел од ѕидовите на изгорената црква и од остатоците на античкиот град Стибера кај селото Чепигово.
Според Гоце Мијакоски, каменот го овековечува местото дека локацијата е христијанска, а не паганска. И изградениот храм Свети Спас на ктиторите од семејството Георгиески сведочи на исконскиот корен на православието.
Дека античкиот столб како мал обелиск крие чудо кажува легендата, пренесувана од колено на колено. Поранешниот жителот на селото Петре Јосифоским кажува предание од неговите предци.
– На стотина метри над каменот имало турска кула. Селскиот бег не можел да ги задржи затворени сурмињата на портата и ја потпирал со каменот, кој на жителите им бил светилиште. Еден ден каменот сам “отишол” на местото кај гробиштата, а бегот со рајата пак го качил да ја потпира портата.
Утрината каменот се вратил на своето старо место. По неколку обиди, бегот го фатило шубе и поверувал во светата моќ на каменот. На селаните им ги скусил маките од секојдневното пренесување на столбот на оддалеченост од стотина метри – кажува Јосифоски.
Последниве години триесетината жители ја посетуваат новата црква. А некогаш, каменот бил христијански свет дом. Тој бил шандан, на кој се палеле свеќи за Велигден, Божик, Духовден, Спасовден, Богородица, Свети Никола, Петровден, Илинден. Жителите ги остварувале верските чувсвта и ги негувале христијанските адети крај столбот каде биле поставени уште неколку камени плочи, кои служеле за маса за поставување на храна за раздавање во чест на починатите.
– Обредот бил да се запали првин свеќа на каменот, а потоа во камарата на гробовите. Затоа местото се заштитува од природни непогоди. Послани се мермерни плочки со атрактивна бордура и е направена настрешница. Ќе се направи и пристап од патот. Се прави и трем со мала трпезарија. Комплексот со гробиштата ќе заличат, ќе се уреди со зелени површини и раскошна хортикултура со цветни градини. Стремеж е да се одбележи оваа епоха.
Генерацијата да остави печат, траги за наследство на идните потомци. Поколенијата треба да ги знаат корените за век и веков и да ја пренесуваат традицијата. Местото може да се претвори во верско културно обележје за привлекување на љубопитството не само на исселените жители и нивните наследници, туку и на странци – вели Мијакоски.
Според него, сонот да стане јаве има доста причини.
– Асфалтната патната врска веќе ги мами старите жители да ги обноват домовите и да се вратат на родната грутка барем лете или во пензионерскиот период. Патот ќе ја спречи миграцијата. Во селото има неколку деца, а со пристапноста не е исклучено некои да се вратат да активираат бизнис во сточарството или земјоделството. Селото има вода. Блиску се двете мали акумулации.
Сопствениците на месната индустрија Марфил изградија прекрасна црква и камбанарија. Осветениот храм е живописан со фрески, поставен е олтар со икони. Дверите се отворени секоја недела, а за празници свештеник држи литургии. Патот ја симна темнината и отвори видело за селото – кажува Мијакоски.
Јунското сонце запекува од југ. И темни облаци надвиснуваат над Пелагонија. Звуците на кавалот и ехото на клопотарците на стадата овци даваат знак дека надежта не исчезнува.
Извор: “Неделник Зенит”