Полицијата приведе уште двајца полицајци и двајца војници за пукањето на свадба во Дебреште.
Надворешната канцеларија за криминалистички истраги при ОВР Прилеп ја прошири истрагата во врска со кривичното дело „предизвикување општа опасност” на семејна веселба во селото Дебреште.
Идентификувани се повеќе лица кои пукале со оружје на веселбата и за сите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Двајца од нив се полициски службеници: Н.И.(28) и Е.И.( 28) од ОВР Прилеп, а двајца се професионални војници Б.Х.(26) и И.Р.(23), додека останатите се жители од с.Дебреште и с.Саждево, крушевско.
Извршени се седум претреси, при што е одземено разновидно оружје кое е употребено за извршување на кривичното дело.
Во врска со овој настан вчера е приведен и командирот на ПО Ропотово Е.Р. и на истиот од страна на судија на претходна постапка одреден му е куќен притвор во траење од осум дена. За Е.Р., и за полициските службеници Н.И.(28) и Е.И.( 28) постапува Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, и ќе поведе дисциплинска постапка и поднесе соодветен поднесок до ОЈО.