Преубава слика: Голем број прилепчани на едно место го празнуваа денешниот празник (Фото галерија)

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 13 октомври.

Денеска е Света великомаченичка Злата Мегленска. Именден празнуваат: Злата, Златка, Златица, Злате…

Родена е во селото Слатина, во Мегленската област, од сиромашни селски родители, коишто имаа уште три ќерки. Света Злата беше кротка и побожна девојка, мудра со Христовата мудрост и златна не само по име туку и по богобојазливото срце. Еднаш, кога излезе по вода, ја фатија некои бесрамни Турци и ја одвлекоа во својата куќа.

Кога еден од нив ѝ нудеше да се потурчи и да му биде жена, таа храбро му одговори: „Јас во Христа верувам, само за Него знам и Он ми е Женик. Од Него нема да се откажам никогаш, макар и на илјада маки да ме ставите и на парчиња да ме исечете.“ Тогаш дојдоа нејзините родители и ѝ рекоа: „Смилувај се на себе и на нас, откажи се привидно од Христа и ќе бидеш среќна и ти и ние, а Господ е милостив, ќе ти прости за гревот ако го правиш по цена на животот.“ И плачеа горко родителите, сестрите и роднините.

Но, витешката душа на света Злата не даде да биде победена од ѓаволските стапици. На своите родители им одговори: „Штом ми советувате да се одречам од Христа Кој е вистински Бог, не сте ми повеќе родители ни сестри; татко ми е Господ Исус Христос, мајка – Богородица, а браќа и сестри – светителите и светителките.“ Тогаш Турците ја фрлија во затвор, каде што лежеше три месеци и секој ден ја биеја додека нејзината крв не ја натопи земјата.

Најпосле ја обесија главечки и ја подложија на оган за да се загуши од чадот. Но Господ беше со неа и ѝ даваше сила во страдањето. На крајот, ја обесија на дрво и целата ја исекоа на парчиња. Така, оваа мажествена девица Му го предаде својот дух на Бога и се пресели во рајските живеалишта, во 1796 година. Парчиња од нејзините мошти христијаните разнесоа за благослов по своите домови.

Во Прилеп празникот најмасовно се празнува пред параклисот посветен на светицата на ул. “Петта прилепска бригада”, свето место кое го изгради прерано починатиот прилепчанец Ристо Тошески.

Кај параклисот и денеска се собраа голем број прилепчани кои палеа свеќи и се помолија за здравје. Една убава традиција, на уште поубаво место која со сигурност ќе продолжи и во наредните години.

Нека е за многу години и напомош!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.