Преубава си Македонијо! Ја нарекуваат балканската Швајцарија, а се наоѓа во нашата земја (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

Лешница или срцето на Шар Планина како што ја нарекуваат планинарите, е месност сместена на 300 метри пониско од Попова Шапка и на 1450 метри надморска височина.

Локалитетот го краси посебна местоположба и убавина, која како мамец ги кани туристите од Македонија и светот. Лешница нуди несекојдневен и раскошен алтернативен туризам, привлечен за стотици алпинисти преку годината.

Живописната Лешница се наоѓа во најдлабоките и најодалечените пазуви на Шар Планина и изобилува со иглолисна букова и друга мешана шума, како и со богата ендемична флора и фауна која може да се најде само на ова место.

Низ оваа месност поминува и најголемата тетовска река Пена која се спојува со Лешничка Река, а во далечината се гледа и највисоката точка на Шар Планина, Титов Врв.

Целиот овој амбиент надополнет со мирисот на сите билки, кавалот на овчарите и преубавото шар планинско млеко секој посетител го оставаат без здив.

Околу месноста Лешница се наоѓаат највисоките врвови на Шар Планина со висина од околу 2700 метри како и огромни пространства кои се наоѓаат на висина над 2500 метри со дебели снежни прекривки од месец ноември до месец мај во годината, при што пружаат идеални услови за подготовки за експедиции.

До Лешница може да се стигне на повеќе начини, но најдобар приод во зимскиот период е скијачкиот центар Попова Шапка, па преку врвот Церипашина да се спуштите во долината на Лешница.

Оваа природна оаза е раскрсница кон највисоките врвови на Шара и неодминлив раскош на природата кој несомнено треба да се доживее и види.

Лешница е Балканската Швајцарија сместена во нашата земја, месност која едноставно мора да се посети.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.