Претставата „Чернодрински се враќа дома“ на МТЦ “ЗОНА” во Прилеп и во Кочани

После подолг временски период Прилеп и прилепчани ќе имаат можност да проследат театарска претстава – премиера и прва реприза. И тоа не би била некоја вест доколку стануваше збор за професионалниот театарски ансамбл “Војдан Чернодрински”, но во овој случај главните актери се членовите на Младинскиот театарски центар “Зона”.

После неколкумесечна подготовка Младинскиот театарски центар „Зона“ ќе го има своето деби токму пред прилепската публика. Премиерата на средношколската група при МТЦ „Зона“ е закажана за 22.5.2024, среда, од 20.00 часот на сцената на НТ „Војдан Чернодрински„ – Прилеп. Првата реприза е закажана за наредниот ден, четврток, 23.5.2024 од 20.00 часот.

„Чернодрински се враќа дома“ по текст на Горан Стефаноски е предизвикот кој го прифати „Зона“ па квартетот едукатори и ментори во името на Даниела Иваноска, Марија Спиркоска Илијеска, Мартин Наумоски и Кирил Петрески. Секако, главниот товар го презедоа младите актери кои покажаа фантастична желба и посветеност па токму затоа поддршката од прилепската публика, се надеваме, нема да изостане.

Филип Стојаноски, Вања Младеноски, Андреј Димитриоски, Стефан Петрески и Горјан Ристески се петтемина момци кои се дел од трупата, а Ангела Чупетреска, Марија Јованоска, Матеја Илијеска, Искра Спиркоска, Марија Јовеска, Сара Атанасоска, Илина Радеска, Евгенија Димитриоска и Дора Иваноска го сочинуваат женскиот дел од тимот за сите заедно да создадат мозаик кој ќе донесе освежување, младешка енергија и одлична актерска игра.

Веднаш после прилепското претставување екипата заминува на гостување во Кочани на престојниот фестивал ДАФ Кочани со гореспоменатата претстава, а настапот таму е закажан на 25.5.2024, сабота, во 21.00 часот.

Напоменуваме дека влезниците за премиерата се распродадени, но најбрзите ќе имаат можност да резервираат билет за првата реприза. Информациите ќе ги најдете на facebook и instagram страната на МТЦ “Зона”.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.