Претседателот на МАНУ: Во една од најсиромашните држави во Европа, се предлага концепција која не постои во ниту една друга држава

Македонскиот јазик има повеќедневна традиција, формиран е пред формирањето на државата Македонија, а се зборува надвор од границите на денешна Македонија. За посебноста на македонскиот јазик веќе поодамна се изјаснила светската славистика, не македонската или бугарската.

Ова го истакнува претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев во интервју за ТВ Телма, кој вели дека Денот на светите браќа Кирил и Методиј – 24 Мај треба да го одбележуваат повеќе држави, не само Македонија и Бугарија, туку и сите словенски држави и народи.

Во однос на најавените реформи во образованието, Коцарев во интервјуто истакна дека МАНУ треба да даде критичка анализа на концепцијата на основното образование.

Смета дека во една од најсиромашните држави во Европа се предлага концепција која не постои во ниту една друга држава, вклучувајќи ги најнапредните образовни земји во светот.

-Според конепцијата, во сите девет одделенија не се изучуваат посебно предметите физика, хемија и биологија, кои од една страна се основи за применети науки кои, пак, од друга страна се фундаменти за континуираниот, инсклузивен и одржлив економски развој во која било држава, па така и Македонија. Така во една од најсиромашните држави од Европа, во која социјалниот и општествениот статус на учителот е многу низок, се предлага концепција која можеби ќе има несогледливи последици врз македонската економија, но сигурно ќе доведе до целосно обезличување на професијата учител, рече претседателот на МАНУ.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.